Општина Битола

СО ДОДЕЛУВАЊЕТО НА НАГРАДИТЕ ЗА НАЈСУПЕШНИТЕ, ЗАВРШИ 46 ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“

Битола во изминатите седум денови беше домаќин на голем број познати имиња од светот на филмот, во рамките на 46 издание на ИФФК „Браќа Манаки“. На свеченото затворање во големата сала на Центарот за култура, присуствуваше и министерот за култура Зоран Љутков.

„Фестивалот „Браќа Манаки“ не е само проекција филмови, тоа е лабараторија на светлина и сенка, место каде што филмот не продава излузии, туку создава вистинска алхемија, меша реалност и сон, ризик и визија. Овде камерата е повеќе од сретство, таа го сопира времето што му дава боја на мигот што ја раскажува нашата историја, но и нашата иднина. Затоа „Браќа Манаки“ е повеќе од фестивал, тоа е доказ дека Македонија не е на маргините, туку е пулс што светот мора да го слушне“, рече министерот за култура Зоран Љутков.

Во своето обраќање, градоначалникот Тони Коњановски потврди дека Општина Битола и понатаму ќе го поддржува фестивалот како домаќин кој знае да ја препознае неговата вредност на културен промотор на градот Битола.

„Овој фестивал не е само културен настан. Тој е традиција, идентитет и обврска. Традиција што почива на визионерството на Јанаки и Милтон Манаки, пионерите на балканската филмска камера. Фестивалот е идентитет којшто го гради имиџот на Битола како град на културата, уметноста и филмот. Тој е наша обврска, да го негуваме и унапредуваме она што тие го започнаа, за да им оставиме на идните генерации уште посилна и побогата филмска приказна.

Растежот на фестивалот „Браќа Манаки“ е повеќе од евидентен, но тој и понатаму мора да продолжи да се развива и да биде мост меѓу генерациите, културите и уметностите. Секоја година овој фестивал станува се поважен дел од европскиот и светскиот културен календар, што е заслуга на сите овде присутни, организаторите, поддржувачите, уметниците и публиката“, истакна градоначалникот Коњановски.

Во церемонијаниот дел на доделување на наградите, на кинематограферот Воли Фистер му беше врачена Специјалната награда Златна камера 300 за исклучителен придонес во светската кинематографија.

Во рамките на одбележувањето на75 години постоење на Друштвото на филмски работници на Македонија, највисокото признание во областа на филмската уметност во нашата земја, Голема ѕвезда на македонскиот филм, му беше доделена на Кирил Џајковски, музичар и автор на филмска музика.

Златна камера 300 му беше доделена на Давид Шамбиј за филмот „Нов бран“. Сребрена камера 300 доби кинематограферката Олимпија Митилинају, за филмот „Тивок живот“, а бронзена камера 300 му беше доделена на шпанскиот кинематографер Мауро Херце за филмот „Сират“.

Железната камера 300 во документарната програма жирито му ја додели на Лука Коасин за филмот „Рудник“.Мала камера 300 за краток филм отиде во рацете на Мајкл Конг за филмот „Кога гуските летаа“.За студентската програма наградата Кристална камера беше доделена на Лиса Јилг за филмот „Костимот за капење“, а special mention за кинематограферот Леон Хотриџ за филмот „Еднорогот во пантолони за снег одеднаш избега“.

На затворањето на 46 издание на ИФФК „Браќа Манаки“ беше прикажан македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ во режија на Ѓорѓи Унковски.

Scroll to Top