Општина Битола

УТРЕ ПЛЕНАРНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА

По летната пауза советниците се враќаат во Советот на Општина Битола. За утре е закажана 15-та пленарна седница на која ќе се најдат 59 точки на дневниот ред.

Голем дел од нив се за основните училишта во Општина Битола, односно нивните годишни извештаи за работа за учебната 2025/2026 година и годишните програми за работа за наредната учебна 2026/2027 година.

Пред советниците ќе се најде и завршната сметка за 2025 година на средното економско училиште „Јане Сандански“.

Ќе се расправа и за Програмата за измени и дополнувања на Програмата за развојни планови за периодот од 2026 до 2028 година и Програмата за измени и дополнувања на Програмата за финансирање и изработка на урбанистички планови за 2026 година.

Пред советниците и Одлуката за давање на деловен простор на користење без надоместок во објект во урбаната заедница „Коле Лачето“ на пет години на Здружението на граѓани Ресурсен центар на родители на деца со посебни потреби.

Во пресрет на два големи настани „Широк сокак во бело“ и интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ ќе се носи одлука за привремено продолжување на работното време на угостителските објекти за време на одржувањето на фестивалите.

Меѓу точките од дневниот ред е и Одлуката за реализација на паркинг простор за товарни возила предвиден во детален урбанистички план за „Урбана Четврт 17“.

Scroll to Top