Денес беше реализирана вежба за евакуација и противпожарна заштита, која се одржа на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола.
Вежбата беше изведена со цел практично да се провери степенот на подготвеност на вработените од институции, одговорните лица и останатите учесници за навремено, организирано и ефикасно постапување во случај на пожар и други вонредни ситуации.

Организатор на оваа вежба беше „Премиум Сејфти Солушн“, од каде велат дека реализацијата на ваква вежба има особено значење за објект од јавен карактер како што е стадионот, каде во услови на зголемена посетеност може да се најдат голем број лица на ограничен простор и каде брзината, организираноста и координацијата при евакуација се од суштинско значење за заштита на човечкиот живот.

Вежбовните активности ги проследи и градоначалникот на Битола Тони Коњановски кој рече дека превенцијата е многу важна, не само во услови на пожари и други вонредни ситуации, туку воопшто во сите оние предизвици пред кои секојдневно сме исправени.
„Апелите се секојдневни, еве и во оваа прилика во екот на состојба со пожари, сакам уште еднаш да апелирам на совесно однесување во средината во која се движиме и која може да е потенцијално место за пожар или друга непогода, односно вонредна ситуација.

За да можеме да делуваме во било која ситуација, треба да сме свесни и рационално да размислуваме, без паника, туку смирено и разумно да реагираме.
Токму овој настан денеска, оваа вежба за евакуација и противпожарна заштита, ќе биде лекција за тоа како да постапуваме.
Како Општина секогаш даваме поддршка на унапредување на превентивното дејствување, безбедноста и подготвеноста за постапување при пожари или други вонредни ситуации“ истакна градоначалникот на Битола.

На прес конференцијата градоначалникот на Битола истакна дека во завршна фаза е новата противпожарна зграда во поранешната касарна, која ќе биде објект кој ги задоволува сите стандарди за ефикасна интервенција.

