Денес кога одбележуваме 35 години од независноста на Македонија, бројни делегации положија свежо цвеќе на споменикот на НОАВМ во Битола.

По повод овој значаен ден од македонската историја свежо цвеќе положија градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, членови на Советот на општината предводени од претседателот Бојан Бојкоски, Сојузот на борци, претставници од политичките партии, здруженија, граѓани.

Со овој настан на одбележување на 35 годишнината од историското референдумско „ДА“ за независна Македонија, се оддаде почит на сите што со визија, жртва и идеја ја градеа современата македонска држава.

Градоначалникот Коњановски во честитката до граѓаните истакна дека нашата независност не е само датум од историјата – таа е секојдневна борба, грижа, но и надеж.

„Со длабока почит се поклонуваме пред сите кои ја изградиле темелната мисла за македонска држава. Се потсетуваме на идејниот и борбен влог на секој поединец, на секој кој давал личен придонес во создавањето на македонската држава.
Погледот ни е насочен и кон иднината – кон младите. Тие се срцето на нацијата, двигателот на промените и најсилниот гарант дека Македонија ќе остане на патот на достоинството и државотворноста.
Наша обврска е да продолжиме да ја градиме Македонија како земја на можности, слобода и правда“ порача градоначалникот Коњановски.

Нека ни е честитит 8 септември-Денот на независноста. Нека ни е вечна Македонија.







