Во рамките на Европската недела на мобилност, денеска граѓани од различни возрасни групи и лица со попреченост ја истражуваа Битола за да видат колку нашиот град е пристапен, безбеден и прилагоден за различните начини на движење.

Во првиот дел – „Мапирање на мобилноста”, основци, средношколци и студенти, со своите ментори, се движеа по различни градски патишта и мапираа што е проодно, каде има пречки и што може да се подобри.

Во вториот дел – „Битола во движење”, се придружија различни генерации и различни корисници на градскиот простор – велосипедисти, корисници на тротинети, постари лица и лица со попреченост.

Активностите завршија пред Офицерскиот дом, каде се собраа на дружење и споделување на искуствата од мапирањето, со цел создавање на нашата „Визија за Битола” – идеи од младите и граѓаните за град во кој полесно, побезбедно и порамноправно се движиме сите.

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски во своето обраќање ја поздрави оваа иницијатива што подразбира мапирање на Битола со што согледуваме како различните граѓани го доживуваат движењето низ градот.
„Како локална самоуправа неуморно работиме на подобрувањето на уличната инфраструктура од аспект на безбедноста, пристапноста и мобилноста.
Во овој контекст сакам да напоменам дека Општината имаше објавено јавен повик за искористување на средства за адаптација на пристапност, мобилност и функционалност на лица со попреченост до и во нивниот дом. Исто така Битола за прв пат доби велосипедски патеки во должина од 5 километри, а се работи и на нови траси.
Мобилноста не е иста за сите. Она што за еден граѓанин е лесен и прооден пат, за друг може да биде сериозна пречка. Затоа многу идеи и предлози досега реализиравме, токму тргнувајќи од потребите на граѓаните и така ќе продолжиме.
Денешната активност во рамките на Европската недела на мобилност за Битола град за сите, е додадена вредност на визиите да ги преточиме во реални решенија. Особено е важно што денеска не бараме само проблеми, туку сакаме да слушнеме и предлози за решенија“ истакна градоначалникот Коњановски.

Со денешното мапирање се овозможи апликацијата да биде тестирана во реални услови и врз основа на искуствата и повратните информации од мапирачите понатаму да се подобрува.

Упати благодарност за „Smart CityZen“, „Гринстарс“, “European Researchers’ Night & Researchers at Schools“, Хабот за тројна транзиција и УКЛО КОЛОРС, како и до Валентин Стојановски за развојот на апликацијата.






