Општина Битола

МЕМОРИЈАЛЕН КОШАРКАРСКИ ТУРНИР „ЗОРАН ПЕТКОВСКИ – ПЕТКОТО“

Вечерва во Битола во спортската сала „Боро Чурлевски“ беше организиран првиот меморијален кошаркарски турнир посветен на битолската кошаркарска легенда Зоран Петковски. Турнирот го организираше новоформираниот кошаркарскиот клуб „Зоран Петковски – Петкото“, а на него присуствуваа и членови на семејството Петковски.

Во своето обраќање градоначалникот на Битола Тони Коњановски рече дека Зоран Петковски е името кои не се заборава, голем спортски работник, поранешен кошаркар. Своите кошаркарски почетоци ги имаше Пелистер, беше и младински репрезентативец на Македонија во одличната генерација предводена од Митко Луковски, а потоа настапуваше за Куманово, Вардар, МЗТ Скопје, Соколи, повторно Пелистер.

„Сеуште со голема така се присетуваме на нашиот пријател, другар, поранешен советник, спортски работник. И за неговото семејство, но и за нас голема е загубата на толку млад човек за кој спортото беше толку многу важен и за кој, спортот зближуваше, рекреираше, бодреше и инспирираше. Тоа беа неговите зборови на кои се присетувам и денеска на овој Прв Меморијален кошаркарски турнир „Зоран Петковски – Петкото“ кој два дена ќе се одржува во нашиот град“ рече градоначалникот на Битола.

Петковски во еден мандат беше советник во Советот на Општина Битола, задолжен за спортските теми. Човек кој со својата посветеност, енергија и љубов кон спортот остави неизбришлива трага во спортскиот живот на Битола.

Неговата поддршка на спортските иницијативи и неговиот несебичен дух ќе останат запаметени како пример за вистински битолски патриот и спортски ентузијаст.

Велеше во Битола, ќе создадеме услови и за екипните и за индивидуалните, но и училишните и рекреативните спортови. Ќе успееме, умно ќе ги искористиме и споиме постојните ресурси со новосоздадените и новопронајдени можности. Овие негови зборовои за нас остана аманет.

Некои луѓе оставаат толку многу зад себе, што секој што ги познавал носи по една своја приказна за нив.

Scroll to Top