Општина Битола

ПРОЕКТОТ „WATERVILL“ ВЛЕГУВА ВО КЛУЧНА ФАЗА: НОВИ РЕШЕНИЈА ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ВОДОСНАБДУВАЊЕТО ВО СЕЛАТА И СПРАВУВАЊЕ СО НЕДОСТИГОТ НА ВОДА КАЈ РУРАЛНИТЕ И ПЛАНИНСКИТЕ ПОДРАЧЈА

Општина Битола продолжува со активностите во рамките на меѓународниот проект „WATERVILL“ финансиран од Петтиот повик на Интерег Еуро – Мед Програмата, насочен кон подобрување на водоснабдувањето, поефикасно управување со водните ресурси и зголемување на отпорноста на водоводната инфраструктура во руралните населени места.

На 17 и 18 септември во Валенсија се одржа третиот состанок на Управниот комитет на проектот, на кој учествуваа претставници на проектниот конзорциум, меѓу кои и претставници на Општина Битола, како проектен партнер. Домаќин на средбата беше проектниот партнер IIAMA – Институт за инженерство на води и животна средина при Политехничкиот универзитет во Валенсија.

Состанокот го означи влегувањето на „WATERVILL“ во клучна фаза од реализацијата, во која активностите се насочени кон развивање конкретни и применливи решенија за потребите на пилот – општините.

Во фокусот на работните сесии беа подготовката на дигитална база на решенија, развојот на климатски отпорна водоводна инфраструктура, како и воспоставувањето систем за поддршка при донесување одлуки за спроведување на приоритетни решенија во подобрување на водоснабдувањето. Системот се развива врз основа на реалните потреби на пилот – општините, но ќе може да се применува и приспособува во различни општини од повеќе земји.

Посебно внимание беше посветено и на подготовката на програма за зајакнување на капацитетите на општинските претставници, јавните претпријатија и другите засегнати страни во областа на управувањето со системите за водоснабдување.

Како една од пилот – општините, Битола ги презентираше локалните потреби за инвестиции во руралните средини, можностите за подобрување на сигурноста и квалитетот на водоснабдувањето, како и потенцијалните технички, финансиски и организациски предизвици при реализацијата на планираните решенија. Своите потреби и искуства ги претставија и пилот – општините Жабљак, Теслиќ и Илирска Бистрица.

Следниот важен чекор е планиран за ноември, кога проектните партнери ќе ја посетат Битола. Посетата ќе овозможи непосреден увид во состојбите на терен и дополнително утврдување на приоритетите за подобрување на водоснабдувањето во руралните населени места, пред имплементацијата на конкретни мерки и инвестиции.

Во рамките на состанокот во Валенсија беше реализирана и стручна посета на постројката за третман на вода за пиење „Реалон“(Realón), една од главните инфраструктурни постројки што снабдуваат приближно 1,6 милиони жители на Валенсија и нејзиното пошироко градско подрачје.

Стекнатите искуства и презентираните практични решенија ќе бидат значајни за натамошните активности на „WATERVILL“ и за создавањето долгорочни, одржливи и климатски отпорни решенија за водоснабдувањето во руралните населени места во Општина Битола.

Scroll to Top