Денес се одржа турнир во футсал што е еден од двата настани со кои во Битола се одбележува Европската недела на спортот од 23 до 30 септември.

Младите спортисти имаа турнир во футсал на стадионот со вештачка трева „Петар Упалевски-Упале“, а промотори на настанот беа фудбалери и фудбалерски од ФК и ЖФК „Пелистер“.

Настанот го посети градоначалникот на Битола Тони Коњановски истакнувајќи ја големата поддршка кога станува збор за младите и за спортот.
На турнирот учествуваа вкупно 100 ученици, се одиграа вкупно 8 (осум) натпревари, а децата имаа можност преку спортско натпреварување, дружење и заеднички активности да ги промовираат спортскиот дух, фер-плејот, тимската работа и меѓусебното почитување.
Посебен придонес кон настанот дадоа фудбалерите од ФК „Пелистер” Натаниел Димовски, Јован Мрмачовски и Христијан Стојановски, како и фудбалерките на ЖФК „Пелистер” Александра Ристевска, Стефани Јовановски и Мартина Силјаноска, кои беа присутни како промотори на фудбалот, односно спортот. Нивното учество им овозможи на учениците непосредно да се запознаат со активни спортисти, да разменат искуства и да добијат дополнителна мотивација за активно занимавање со спорт.

Европската недела на спортот (EWoS) е иницијатива на Европската комисија со цел да ја поттикне физичката активност, рекреацијата и здравиот начин на живот кај граѓаните од сите возрасти. Националниот координативен орган (НЦБ) со гордост ја имплементира оваа кампања преку бројни настани, активности и истражувачки процеси ширум земјата.

Организацијата е на Министерството за спорт со поддршка на Општина Битола, а настаните кофинансирани од Европската унија.

Утре во градскиот парк во Битола ќе се организира есенски крос со ученици од основните и средните училишта од Битола со почеток во 10:00 часот.






