Општина Битола

ЈАВНА РАСПРАВА ПО НАЦРТОТ НА ПРОСТОРНИОТ ПЛАН НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА СО АКЦЕНТ НА ПЕЛАГОНИСКИОТ РЕГИОН

Во Битола во салата на Советот на Општина Битола беше организирана регионална јавна расправа по Нацртот на Просторниот план на Република Македонија 2040 година, денеска со акцент на Пелагонискиот плански регион.

Организатори на јавната расправа се Министерството за животна средина и просторно планирање, Агенцијата за планирање на просторот и Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.

Просторниот план е основен и највисок стратешки документ во планирањето на просторот и претставува национална стратегија за просторен развој, кој дава насоки за организација, користење, заштита, уредување и управување со просторот на државата.

„Ова е постапка која не е само презентација на еден обичен просторен план, туку денеска претставуваме документ кој нас ќе ни даде насока како сакаме да ја гледаме нашата држава во наредните 20-тина години, односно до 2040 година. Постапката е отпочната 2021 година со потпишување на основниот договор за изработка. Министерството е нарачател на просторниот план, додека стручниот изработувач на просторниот план е Агенцијата за планирање на просторот. Денеска сме тука со посебен осврт за презентација на просторниот план во делот на Пелагонискиот регион“, рече Неби Реџепи, раководител на сектор за просторно планирање при Министерството за животна средина и просторно планирање.

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски истакна дека во Општина Битола во тек е изработката на нов Генерален урбанистички план, бидејќи постоечкиот е стар неколку децении.

„Ние како сериозна локална самоуправа ја имавме храброста да го отпочнеме тој процес, кој години наназад само се најавувал. Просторното планирање е клучен инструмент за обезбедување одржлив развој и воспоставување долгорочни и одржливи рамки за социјален, територијален и економски развој и неговата примарна улога е подобрување на интеграцијата помеѓу секторите како што се домувањето, транспортот, енергетиката и економијата и помеѓу националните и локалните системи за урбан и рурален развој, земајќи ги предвид и еколошките аспекти“ рече градоначалникот на Битола.

Презентацијата беше важна за релевантните државни и локални институции, јавни претпријатија и установи, стопанските субјекти, стопанските и професионалните здруженија, научните и стручните институции, граѓанските и невладините организации, како и други правни и физички лица за кои се оценува дека можат да дадат придонес во расправата.

Scroll to Top