Општина Битола

БИТОЛА ГО ОДБЕЛЕЖУВА СВЕТСКИОТ ДЕН НА КУЛТУРНАТА РАЗЛИЧНОСТ: ГРАДОТ КАКО СИМБОЛ НА СОЖИВОТ И МЕЃУКУЛТУРЕН ДИЈАЛОГ

Општина Битола денес се придружува на глобалното одбележување на Светскиот ден на културната различност за дијалог и развој – 21 мај, ден прогласен од Генералното собрание на Обединетите нации во 2002 година. Овој ден го нагласува значењето на културната разновидност како двигател на мирот, соживотот и одржливиот развој.

Битола отсекогаш била град на културен соживот, мултиетничност и меѓусебно почитување. Денешниот настан е доказ за богатството што го имаме како заедница – со луѓе кои не само што живеат заедно, туку и активно ја споделуваат и промовираат својата култура.

На просторот пред репертоарот на Народниот театар Битола, во 12:00 часот, беше одржан културен настан со учество на повеќе локални културни здруженија. Настанот го поздрави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој во своето обраќање истакна дека целта на оваа манифестација е да прерасне во традиционална платформа, со потенцијал да се прошири и на регионално и на државно ниво:

„Општина Битола се вклучува во одбележувањето на овој ден, со цел да ги истакне културните различности, но Битола има посебно значење во овој дел, зошто Битола е град на мултикултурата, мултиетничноста и овој град отсекогаш бил дом на многу народи, намерници кои минувале низ вековите и заедно се движеле низ Широк Сокак. Голема благодарност и за културно уметничките друштва кои се овде и ни презентираат дел од својата култура, како и здруженијата на Власите, Ромите, Албанците, Македонско – турското здружение, ракотворците и сите оние кои се овде и ја збогатија оваа програма со дел од својата култура, нивни носии, специјалитети кои овде ги промовираат. Оваа манифестација, можеби треба да се прошири во регионот и Републиката, зошто Битола навистина е град на мултикултурата, кој заслужува да биде домаќин на оваа манифестација“, изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Во рамките на програмата учествуваа: Културно-уметнички друштва од Битола, Комуната на Власи, Здружението „Ромска ѕвезда“, Здружението за македонско-српско пријателство, Здружението на ракотворци од Битола, Македонско-турското здружение „Мустафа Ќемал Ататурк“, Здружението „Нентори 22“ и други организации.

Настанот беше посветен и на промоција на вредностите од Конвенцијата на УНЕСКО за заштита и унапредување на културната различност (2005), која ги утврдува следните цели:

  • Поддршка на одржливи системи на културно управување
  • Балансирана размена на културни добра и мобилност на уметници
  • Интеграција на културата во развојните стратегии
  • Почитување на човековите права и слободи преку културен израз

Општина Битола со оваа иницијатива уште еднаш потврдува дека културната различност не е само вредност која треба да се зачува, туку и движечка сила за поинклузивна и посилна заедница.

Scroll to Top