Градинката која е лоцирана наспроти ОУ „Св. Климент Охридски“ е започната со изградба во 2020 година. Откако е раскинат договорот со претходниот изведувач поради непочитување на роковите за изведба, од страна на инвеститорот, односно Министерството за социјална политика, демографија и млади е склучен договор со нов изведувач со кој се интензивираат работните активности.
Новиот објект ќе припадне на ЈОУДГ „Мајски Цвет“, а се протега на површина од 810 м2 и ќе биде со згрижувачки капацитет од околу 150 деца, организирани во неколку воспитни групи.
Вредноста на градежните зафати за изградба на градинката се во вредност од 56.650.000 денари, обезбедени од министерството. Во тек е внатрешно опремување со мебел, санитарија, кујнски апарати и прибор како и дидактички материјали, со средства обезбедени од Светска банка.
Во последната фаза за изградба е предвидено и партерно уредување на дворот на градинката, со зелени површини и простор со детски реквизити, за кое министерството подготвува документација за јавна набавка.
Со ова Општина Битола вложува сериозни напори за подобрување на социјалните услуги за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст, а со тоа и намалување на листите на чекање во детските градинки.






