Општина Битола

МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА СО СПОРТСКИОТ КЛУБ „СПЕЦИЈАЛНА ОЛИМПИЈАДА- БИТОЛА“

Општина Битола и Спортскиот клуб „Специјална олимпијада – Битола“ денес потпишаа Меморандум за соработка со цел воспоставување стратегиска, долгорочна и одржлива соработка насочена кон развој и поттикнување на спортските активности и инклузијата на лица со интелектуални попречености.

Согласно меморандумот потпишан од страна на градоначалникот Тони Коњановски, Општина Битола обезбедува институционална, логистичка и организациска поддршка за спортските активности и настани на спортскиот клуб, овозможување користење на спортски објекти соодветно на условите, временската достапност и процедурите на општината, поддршка во промоција на инклузивни спортски програми и јавни кампањи и соработка во развој на локални инклузивни политики и иницијативи.

Спортскиот клуб чиј претседател е Ана Котевска, реализира спортски тренинзи, програми и активности согласно стандардите на „Специјална олимпијада“, навремено информирање на општината за планирани активности од заеднички интерес, вклучување на лица со интелектуални попречености во спортски програми и натпревари и соработка со општински институции, училишта и спортски субјекти за развој на инклузивни спортски иницијативи.

Меморандумот кој се склучува на период од четри години, со можност за продолжување по меѓусебна согласност на страните има и заеднички активности околу организација на спортски манифестации, фестивали и јавни настани, промоција на инклузивни вредности и подигање на јавната свест, развивање на програми за поддршка на тренери, волонтери и учесници и креирање услови за одржлив развој на програмите на „Специјална олимпијада“ во Битола.

Scroll to Top