Пo повод 23 октомври – Денот на македонската револуционерна борба, делегации положија свежо цвеќе и се поклонија пред споменикот на Даме Груев во Битола. Тој беше учител, револуционер и еден од поттикнувачите за основање и еден од основачите на Македонската револуционерната организација во Солун во 1893 година. Бил заслужен за распространувањето на Организацијата, како и за формирањето на првите револуционерни комитети, односно јадра, при што била поставена основата на Битолскиот револуционерен округ.


Пред неговиот споменик во дворот на Музејот во Битола цвеќе положија градоначалникот на Битола Тони Коњановски, претставници на Советот на општина Битола, претставници на Сојузот на борци, на политичките партии и здруженија на граѓани.

„На денешниот ден се потсетуваме на почетокот на македонското револуционерно движење и организираната борба на македонскиот народ за формирање на независна држава, пред 133 години, но и должност во денешнината за континуиран напредок на нашата татковина Македонија.
Историската борба на македонските револуционери, продолжува да биде наш светол пример и обврска за гордо и истрајно чекорење напред, кон храбро надминување на предизвиците и создавање подобра иднина за генерациите кои доаѓаат. Нека ни е честит 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба“, истакна градоначалникот Тони Коњановски.












