Општина Битола

ОПШТИНА БИТОЛА ДЕЛ ОД РЕГИОНАЛНИОТ ФОРУМ НА ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ ЗА ПРАВЕДНА ТРАНЗИЦИЈА

Претставници на општина Битола учествуваа на форумот „Зајакнување на учеството на граѓанското општество и социјалниот дијалог во праведната енергетска транзиција“, кој се одржа во Скопје.

Секретарот на општина Битола Борче Димитровски, се обрати во воведните излагања, заедно со заменик министерот за енергетика, рударство и минерални суровини Мирослав Лабудовиќ и Јохан Шмит, претставник на Интернационалниот центар Олоф Палме од Шведска.

Секретарот Димитровски пред присутните, во двојно својство, како претставник на општинската администрација и заменик претседавач на ЛЕСС ( Локален економско-социјален совет) Битола, ги претстави најновите проекти кои општината ги реализира во овој период – новиот проект со „Energy Community“, преку кој се подготвува платформа или мапирање на сите потенцијали за обновливи извори на општината, како и неодамна потпишаниот меморандум во Будва, со кој и практично се става акцент на Индустриската зона Жабени. Двата проекти, ја ставаат Битола високо на мапата на региони, каде што општината, во своите законски рамки, работи на спроведување на капацитети и зелени решенија за нејзината иднина.

Димитровски ја посочи и важноста на ЛЕСС Битола, како тело кое што цврсто придонесува за подобрување на економската и социјалната состојба во Општина Битола преку дијалог и соработка меѓу локалната самоуправа, работодавачите и синдикатите.

На Форумот учествуват релевантни претставници на граѓански организации, институции и други чинители од Македонија, Грција, Бугарија, Србија, Косово и Албанија. Форумот овозможи размена на искуства и добри практики од регионот, како и дискусија за улогата на локалните институции, граѓанското општество, ЛЕСС, синдикатите и останатите учесници во процесот на Праведна транзиција.

Scroll to Top