Општина Битола

ПЕТТА ГОДИШНА СРЕДБА НА АРХИТЕКТИ И АРХИТЕКТИ УРБАНИСТИ

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски и претседателот на Советот Бојан Бојкоски денеска присуствуваа на Петтата годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти која се одржува во Битола, а ја организира Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија.

Оваа средба прерасна во традиционален настан кој претставува сериозна платформа за размена на ставови, искуства и идеи, како и за разгледување на новите предизвици и решенија во архитектонската и урбанистичката пракса.

Градоначалникот на Битола во своето обраќање се осврна и на изработката на новиот Генерален урбанистички план на Битола, најважниот стратешки документ кој се однесува на планирањето на градот и е поврзан со неговиот понатамошен развој.

„Благодарение на овие настани имаме можност да се запознаеме и да го надградиме своето знаење за значењето на архитектите и архитектите урбанисти, сега и тие со новите предизвици на времето, како што е една од темите за која ќе дискутирате, а тоа е улогата на архитектот денеска, дали таа се менува во време на климатски промени, дигитализација, вештачка интелигенција и новите општествени потреби“ рече градоначалникот на Битола.

Беше потпишан меморандумот за меѓусебна соработка меѓу Општина Битола и Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија, со цел унапредување на соработката во областа на архитектурата, урбанизмот, просторното и урбанистичко планирање, инженерството, инфраструктурата, заштитата и унапредувањето на културното наследство, одржливиот урбан развој и заштита на животната средина, а во согласност со заедничките интереси и надлежности на двете институции.

Scroll to Top