Непосредно пред одигрувањето на најголемиот фудбалски настан во изминатите 30 години на стадионот под Тумбе Кафе, Општина Битола и Фудбалската федерација на Македонија, во потребните рокови ги завршија сите подготвителни активности на доуредување и приспособување на стадионот „Петар Милошевски“ за одигрување на меѓународни натпревари од високо ниво.
Откако стадионот ја помина инспекцијата на Европската фудбалска унија (УЕФА) и доби лиценца за втора категорија, утре ќе биде домаќин на квалификацискиот натпревар за Европското првенство, помеѓу репрезентативците до 21 година на Македонија и Италија.
Изминатиот период, со огромна посветеност и професионалност на дел од вработените во Општина Битола и нејзините јавни претпријатија, Фудбалската федерација на Македонија и ФК Пелистер, се постигнаа бараните услови за добивањето на потребната лиценца од страна на УЕФА.
Ваквото максимално вложување ги оправдува постигнатите цели и Битола е подготвена за фудбалски спектакл под отворено небо, на стадионот „Петар Милошевски“. Како наши сограѓани, Ве повикуваме заедно да го поддржиме македонскиот фудбалски тим и заедно, да испишуваме нови фудбалски истории.