Општина Битола

ПРЕЗЕНТИРАНИ ПРЕЛИМИНАРНИТЕ РЕЗУЛТАТИ ОД ИСТРАЖУВАЊЕТО НА ТЕМА „ВРСНИЧКОТО НАСИЛСТВО ВО УЧИЛИШТАТА ВО ОПШТИНА БИТОЛА“

На Правниот факултет во Битола, денес се одржа тркалезна маса на тема „Врсничкото насилство во училиштата во Општина Битола“. Настанот е дел од активностите на истоимениот научно истражувачки проект, кој го спроведуваат професорите од Правниот факултет: Ивона Шушак Лозановска, Ангелина Станојоска и Ице Илијевски, а учествуваат и професорката Гордана Ристевска Димитровска од Високата медицинска школа и Елизабета Талеска од Центарот за социјална работа од Битола.

Денешната активност вклучуваше презентација на прелиминарните резултати од спроведеното истражување во основните и средните училишта во Општина Битола:

„Во истражувачкиот примерок беа вклучени вкупно 609 ученици од сите основни и средни училишта во нашиот град, со тоа што сите училишта беа застапени со еднаков број на испитаници и притоа имавме еднаков број на испитаници од женски и од машки пол. 96% од испитаниците знаат што е врсничко насилство и знаат кои дејсвија можат да се подведат под овој поим, така што учениците со овој вид сознанија за врсничкото насилство, за жал само во 20% од случаите изјавиле дека во нивното училиште нема булинг. Ова значи дека постои една огромна бројка на ученици коишто се влезени во истражувачкиот примерок и во текот на нивниот образовен процес биле сведоци, а 27% од испитаниците дури и директни жртви на врсничко насилство. Од формите на територијата на општина Битола најмногу е застапено психичкото, потоа доаѓа физичкото насилство и насилството во сајбер просторот. Најчести жртви се учениците од машки пол, иако сите се согласни дека булингот најчесто претставува групна активност од група на ученици“, изјави д-р Ивона Шушак Лозановска, продекан за настава на Правен факултет, додавајќи дека најголемиот дел од жртвите циклусот на насилство не го прекинале, туку започнале да го избегнуваат насилникот.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски нагласи дека, врсничкото насилство е проблем на кој во континуитет мора да се работи, да се бара заедничка акција, свесност и посветеност за негово спречување.

„Секоја форма на насилство меѓу учениците, без исклучок мора да биде навремено препознаена и соодветно третирана, затоа што границата помеѓу вербално малтретирање и физичко насилство е многу блиска, а денес и со зголеменото користење на интернетот, се појавуваат и други форми, кои може да остават сериозни последици врз менталното здравје на учениците и нивниот развој.

Податоците кои што денес ќе ги добиеме од спроведеното истражување на тема „Врсничкото насилство во училиштата во Општина Битола“, верувам дека ќе бидат еден важен показател, за идните планови и мерки на делување и континуираната заложба на локалната самоуправа за создавање безбедна и поддржувачка средина во училиштата.

Ефикасното спречување на насилството, подразбира синхронизираност и координираност помеѓу образовните институции, стручните служби, полицијата, граѓанските организации и сите чинители кои согласно својата надлежност треба да дадат придонес за одржување на меѓусебната почит и толеранција кај младите.

Да ги согледаме прелиминарните резултати од спроведеното истражување и да не останеме неми набљудувачи, туку сите заедно, да ги интензивираме мерките и активностите за создавање училишта без насилство, во кои секое дете ќе се чувствува среќно, прифатено, почитувано и безбедно“, рече Коњановски.

Комплетната анализа на резултатите ќе овозможи заедничко здружување на сите релевантни институции и изготвување на Стратегија за заедничко делување.

Scroll to Top