Советот за женско претприемништво на Општина Битола денеска беше домаќин на претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова, придружувана од градоначалникот на Битола Тони Коњановски, заменик градоначалничката Марина Крстиќ и претседателот на Советот Бојан Бојкоски.

Целта на настанот, како што истакнаа на средбата е создавање заедница во која жените ќе се охрабруваат меѓусебно, ќе ги препознаваат можностите на новото време и ќе ја развиваат сопствената сила преку знаење, личен развој, соработка и меѓусебна поддршка. Веруваме дека секоја промена започнува со една охрабрена личност, а секоја силна заедница започнува со луѓе кои се подготвени да вложат во себе и во другите.

Настанот се одржа во пријатна декорирана атмосфера во ресторан „NOYA“, како место каде инспирацијата природно се спојува со разговорот.

Посетителите имаа можност да ја проследат и изложбата на внимателно избрани жени кои преку својот труд, креативност и посветеност создаваат вредности во нашата заедница.

Малиот саем не беше само претставување на нивната работа, туку сведоштво дека зад секое дело стои истрајност, знаење и храброст.

На настанот се испрати порака дека вреди да се учи, да се расте, да се остане достоинствен и дека вистинското лидерство започнува со грижа за човекот.

Визијата на Советот за женско претприемништво е да изградиме заедница од жени кои ќе бидат љубопитни, образувани, одговорни и храбри да ги препознаваат предизвиците на новото време. Жени кои ќе бидат пример дека успехот не се мери само со постигнатото, туку и со начинот на кој ги инспирираат другите.

„ИСКРА“- Простор каде што растат жените, расте и општеството.










