Општина Битола

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОВЕТОТ БОЈКОСКИ НА ТРКАЛЕЗНАТА МАСА НА УКЛО „ЕВРОПСКАТА ДИПЛОМА ЗАПОЧНУВА ОД ДОМА“

На денешната тркалезна маса која ја организираше битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“ во рамките на УКЛО КОЛОРС фокусирана на европската диплома и заеднички дипломи, свое обраќање имаше претседателот на Советот на Општина Битола Бојан Бојкоски.

Дискусијата со под наслов „Европската диплома започнува од дома“ обедини меѓународни и домашни релевантни субјекти и засегнати страни од областа на високото образование, меѓу кои и претставници на партнерските универзитети од Италија и Латвија, од алијансите кои дејствуваат низ Македонија, асоцирани партнери и институции на системот како и претставници на Европската комисија, Делегацијата на Европската Унија во Македонија и Асоцијата на алумни од Западен Балкан. Во фокусот на дискусијата се европските политики за развој на заеднички дипломи, интернационализацијата на високото образование и можностите што ги отвора иницијативата за Европска и заеднички дипломи.

Претседателот на Советот Бојкоски кажа дека Општина Битола активно ги обликува и ги нуди овие регионални предизвици како простор и реални училници за студентите од КОЛОРС.

„Нашите локални јавни институции, граѓанското општество и бизнисите се подготвени да дејствуваат како жива лабораторија во која студентите ќе можат практично да го тестираат своето знаење, по примерот на „Hands on project со Вентспилс, Латвија, Битола и Прилеп, кадешто тимовите студенти и професори трасираа решенија за инфо центар за туристи, што ќе го пробаме и на терен преку студентската пракса. Нашите вработени воедно и алумнисти на универзитетот, во соработка со професори го созреваа „Smart CityZen“ за урбана пристапност на пешаците на тркала. И уште бројни други иновативни решенија кои се зачнаа од реални предизвици.

Мојата конкретна препорака за акција до оваа значајна тркалезна маса е следната ајде да ги формализираме локалните и регионалните власти како постојани, активни ко-дизајнери на заедничките наставни програми. Со вметнување на конкретни општински предизвици директно во студиските модули на Европската диплома, ќе осигуриме дека студентите нема само да учат теорија, туку активно ќе ги решаваат социо-економските потреби на нашите градови. Токму на тој начин се создава вистинското „движење на мозоци” — правејќи ги нашите региони места каде младите таленти можат да иновираат, да одлетаат за да стекнат европско искуство, но и да се вратат назад за да ги засадат тие семиња на раст токму во нашите заедници. Ги покануваме сите студенти на алијансите да адресираат предизвици но и да учат од решенијата во Битола.

Ви благодарам што го донесовте ова историско академско единство во Битола. Општината стои целосно подготвена да ја поддржи оваа метаморфоза во секој чекор од патот“ рече меѓу другото Бојкоски.

Корените на работата кон Европска диплома и организацијата на тркалезната маса се поставени со почетокот на Алијансата. Имено, УКЛО КОЛОРС минатата година потпиша конвенција за првата заедничка диплома во Алијансата, преку нова студиска програма Мастер МИНД којашто ја иницира Економскиот факултет Прилеп, а ја поставува на широки основи на соработка со сите единици на универзитетот, како и со партнерите од Алијансата и соработниците од реалниот, граѓанскиот и владиниот сектор.

Scroll to Top