Општина Битола

СВЕТСКИ ПОЗНАТИОТ МАКЕДОНСКИ ПИЈАНИСТ СИМОН ТРПЧЕСКИ ОДРЖА КОНЦЕРТ ВО ХЕРАКЛЕА

Симон Трпчески, светски познатиот македонски класичен пијанист, синоќа одржа концерт во античкиот театар во Хераклеа во Битола. На концертот присуствуваа и градоначалникот на Битола Тони Коњановски и претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова.

Трпчески е еден од најафирмираните македонски изведувачи и веројатно најдобриот македонски пијанист на сите времиња, а во истовреме и еден од најголемите културни амбасадори на Македонија во светот.

Неговата кариера вклучува настапи со Лондонска Филхармонија, Филаделфискиот Оркестар и Кралската Ливерпулска Филхармонија. Добитник е на наградата за дебитант на годината од Кралското Филхармониско Друштво и на престижната награда „Gramophone“. Критичарите го опишуваат како пијанист со исклучителна техника и длабока музикалност.

Македонскиот пијанист Симон Трпчески се етаблираше како еден од најистакнатите музичари на светската сцена, настапувајќи со повеќе од 100 оркестри на четири континенти, под водство на водечки диригенти и во најпрестижните концертни сали.

Трпчески е препознатлив по својата моќна виртуозност и длабоко експресивен пристап, како и по својата харизматична способност да воспостави врска со најразлична публика ширум светот и по својата посветеност кон зајакнувањето на културното наследство на Македонија.

„Да го слушнете Трпчески во Антички Театар Хераклеа е привилегија – класична музика од светско ниво во амбиент кој е стар повеќе од два милениума. Ова е настан кој ретко се случува“ велат од „Прагма продукција“ која го организираше концертот со поддршка на Општина Битола.

Scroll to Top