Општина Битола

СВЕЧЕНО БЕШЕ ОТВОРЕНО 35-ТО ИЗДАНИЕ НА „ИНТЕРФЕСТ“ НА КЛАСИЧНА МУЗИКА

Вечерва на големата сцена на Центарот за култура со балетската претстава „Шехерезада“ од Николај Римски-Корсаков, а во изведба на Македонската опера и балет, беше отворено 35-то издание на Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“.

Солисти: Наташа Трендафилова-Гицев и Балаж Лочеи од Унгарија. Кореографијата е на Михаил Крапивин од Русија.

Пред присутната публика се обрати уметничката директорка на фестивалот Милица Шперовиќ-Рибарски.

Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Битола Тони Коњановски кој кажа дека Битола е град на културата и град на традицијата, а овој фестивал дополнително го потврдува тоа.

„35 години традиција на еден од единствените фестивали на класична музика, кој секој октомври во Битола ги носи светските, но и македонските класици.

Убавината на класичната музика и уметност од вечерва по 35-пат ќе одекне од градот на клавирите благодарение на неуморноста на фестивалските творците почитуваните Рибарски.

На префинето структуриран начин, уметничкиот израз допира до секој посетител, преку концертите, уметнички изложби, театарска претстава, а вечерва на свеченото отворање и балетската претстава „Шехерезада“ во изведба на Македонската опера и балет, како и мастер класовите и подиумот за млади во соработка со Државното музичко училиште.

Особено е значајна за нашите ученици од Државното музичко училиште и нивните професори вечерта посветена на нив, односно подиумот на млади во Офицерскиот дом. Ова училиште се покажало и докажало како расадник на уметници во светот на класичната музика“ рече градоначалникот Коњановски.

Пред отворањето на фестивалот во фоајето на Центарот за култура беше поставена ликовната изложба „Современа Италијанска графика и цртеж“.

Фестивалот ќе трае до 10 октомври, а во својата програма има концерти, театарска претстава и мастеркласи.

Scroll to Top