Претседателот на Советот, Бојан Бојкоски новата седница на која ќе се носи деловникот за работа ја закажа за в среда 8 април во 10:00 часот.
На оваа седница има уште неколку точки, но фокусот ќе биде за тоа како ќе работи во иднина овој состав на Советот, сега со новиот деловник кој неколку месеци се подготвуваше и кој е доставен и до советниците за нивни предлози, забелешки и мислења.
Нацрт Деловник за работа на Советот на Општина Битола, е доставен со обработени 57 члена согласно предложените корекции од советниците, а останатиот материјал ќе биде дообработен на продолженијата на работниот состанок кој е закажан за денеска и утре.
Освен пленарните седници се уредува и работата на комисиите.
Во предложениот материјал е уредено и однесувањето на членовите на Советот за време на седницата, комисиските расправи и други работни тела.
Членовите и останатите присутни се должни:
-Да ги почитуваат колегите, општинската администрација и граѓаните.
-Да се воздржат од навредлив говор и недолично однесување.
-Да се воздржат од говор на омраза и дискриминација.
-Да ги почитуваат човековите права и достоинство.
-Да постапуваат одговорно и совесно.
За прв пат со новиот деловник се води сметка и за времето на говорница, со што ќе се избегне можноста за одолговлекување на расправите со теми кои не се ниту на дневен ред, ниту пат се дел од темата за точката која се расправа.
Дискусијата во претресот на точката на дневен ред на еден говорник може да трае најмногу 15 (петнаесет) минути. Член на советот има право на реплика само ако биде поименично спомнат во дискусија. Репликата трае најмногу 5 (пет) минути. Дискусија по претрес на точката на дневен ред во име на советничка група, може да даде координаторот на советничката група кој е должен да најави дека дискутира во име на советничката група. Во ваков случај дискусијата може да трае 20 (дваесет) минути. Членовите на советничката група немаат право на поединечни дискусии кога координаторот го искажува ставот на советничката група.
Дискусијата на член на советот кој побарал збор по втор пат може да трае најдолго 10 (десет) минути. Говорникот може да говори само во однос на точката што е на дневен ред.
Во предложените материјали од советниците е и дополнувањето дека Советот на општината во својата работа обезбедува почитување и унапредување на принципот на родова еднаквост и недискриминација.
Претседателот на Советот верува дека новиот деловник ќе придонесе за поефикасна работа, за достоинство и на советниците и на советот како институција.
На оваа седница ќе се најде и точката на дневен ред со која се дава согласност за поставување на подземни садови за отпад од страна на ЈП „Комуналец“ на три локации во градот.

