Денес и утре се одржува балканското првенство во џудо за деца до 14 години, на кое ќе настапат најдобрите млади џудисти. Борбите се одржуваат во спортската сала „Боро Чурлевски“, а натпреварувачите (момчиња и девојчиња) од повеќе балкански џудо-федерации (Македонија, Молдавија, Романија, БиХ, Црна Гора, Турција, Кипар, Албанија, Грција, Бугарија, Косово) ќе ги покажат своите вештини, спортски дух и борбеност на ова престижно првенство.


Шампионатот за отворен го прогласи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, а спортистите и гледачите ги поздравија и првиот човек на Балканската џудо асоцијација, Бранислав Црногорац, претседателот на Џудо федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски и претставникот на Министерството за спорт, Илија Ристески.


На отворањето присуствуваа и високи претставници на Балканската џудо асоцијација, претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, првиот човек на ЏК Пелистер, Ѓуро Илиќ и стотици вљубеници на џудо спортот и боречките вештини.

Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) се заблагодари на Битола и ЏК Пелистер за овој голем џудо-спектакл.
















