Градоначалникот на Битола Тони Коњановски денес присуствуваше на јубилејната прослава 65 години од основањето на Техничкиот факултет Битола при универзитетот „Св. Климент Охридски“.

Шест и пол децении техничкиот факултет е столб на техничката мисла, едукацијата и науката.

На свеченоста се обратија ректорот на универзитетот проф. д-р Игор Неделковски, деканот на факултетот проф. д-р Митко Костов, а свое обраќање имаше и градоначалникот Тони Коњановски.

„Овој јубилеј е заеднички успех на сите генерации студенти, професори и деловни партнери кои помогнаа во градењето на современиот инженерски кадар, а соработката со Oпштина Битола е на високо ниво и со техничкиот факултет и воопшто со Универзитетот „Св. Климент Охридски“.

И во оваа прилика сакам да ја истакнам една од работите со која бевме пионери во Македонија, а тоа е универзитетската летна пракса која студенти од факултетите на битолскиот универзитет во текот на летните месеци ја спроведуваат во Oпштина Битола и нашите јавни претпријатија, а потоа овој пример го следеа и други градови“ истакна градоначалникот на Битола.

Градоначалникот им го честиташе големиот јубилеј и им посака успешни академски години, како на студентите така и на наставниот кадар и сите вработени на високообразовните институции.
„Битола е горда со науката која шест и пол децении го гради нашето општество“, рече градоначалникот Коњановски.





