Локалниот младински совет на Општина Битола организираше панел дискусија каде претставници од високообразовните институции и успешни компании разговараа за можностите што ги очекуваат младите од нивното студирање до кариера.

Темата на панел дискусијата беше „Занает и високо образование: Конкуренти или сојузници?

Панелисти беа проф. д-р Никола Рендевски (ФИКТ), Едмонд Весели (Агнеса) и Марјан Бакревски (пиво ,,БАК”).

„Ни требаат млади луѓе кои создават вредност. Луѓе со професија, занает и идеи. Луѓе кои можат да кажат: Јас знам, јас умеам, јас можам. Tаквите луѓе тешко се контролираат, затоа што нивната егзистенција не зависи од политиката. Тие имаат сопствен став, достоинство и слобода да кажат „не“. Единствено така ќе создадеме општество какво што сакаме и заслужуваме“ вели професорот Рендевски.

„Ако занаетот и високото образование се конкуренти, тогаш губиме сите. Прашањето не треба да биде кој ќе победи, туку дали и колку соработуваат“ вели Весели.
„Со посветеност во работата преку приватниот сектор, можеш да го уредиш светот околу себе по сопствена волја“ смета Бакревски.
Настанот ги обедини високото образование, приватниот сектор и занаетот.

Локалниот младински совет на Општина Битола е претставничко тело на младите во Општина Битола, формирано согласно Законот за младинско учество и младински политики. Советот има советодавна улога и претставува мост помеѓу младите и локалната самоуправа, со цел унапредување на младинските политики и подобрување на условите за живот на младите во општината.




