САД- Венецуела, Порторико, Кина, Грузија, Холандија, Унгарија, Словачка, Грција и Шведска и секако од земјата домаќин Македонија, беа дел од годинашното издание на „Илинденски денови“.

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски и оваа година организираше прием, односно фолклорна дружба со гости од фестивалот „Илинденски денови“, кои изминативе недели ја разиграа Битола и ја обоија во боите на фолклорот.

Неговиот кабинет беше претесен за домашните и странските гости кои ги пренесоа своите позитивни импресии од фестивалот, организацијата, гостопримството на градот, од убавините на Битола со своите културни и историски посебности.

Градоначалникот Коњановски на средбата истакна дека во овој период Битола, посебно е разубавена, а светското шаренило, надополнето со музиката, играта и песната, никого не остава рамнодушен. Ова пак истовремено значи и светска промоција на градот, кој го има овој фестивал и повеќе од половина век ја негува традицијата, но и ги отвара ширум своите врати за традициите во фолклорот на други народи.

Добрата соработка за градење силни културно – уметнички врски беше повод и за размена на пригодни подароци и промотивни материјали во знак на сеќавање на изданието на фестивалот кое беше едно од најдолгите во својата историја со голем број учесници, како домашни така и странски од различни делови на светот.













