Општина Битола

ВО ПОТПЕЛИСТЕРСКО ТРНОВО СЕ ОДРЖА 55-ТА СЕМАКЕДОНСКА СРЕДБА

Потпелистерското село Трново, односно дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ е местото каде се одржува Семакедонската средба, годинава по 55 пат.

Традиционално ја организираат Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес.

На големиот празник Илинден голем број наши сограѓани, гости од други градови во Македонија, Македонци од соседните земји, иселеници, денеска празнуваа со песна и оро, а беа испратени значајни пораки за нашата земја, за нејзината позиција и за предизвиците со кои се соочува.

По интонирањето на македонската химна пред присутните се обратија говорниците на годинашната средба.

Општина Битола, продолжува да биде поддржувач на оваа значајна манифестација, како обележје на Битола и нејзините бројни иселеници. Во своето обраќање пред присутните градоначалникот на Битола Тони Коњановски рече дека културата, традицијата, меѓусебното почитување и зајакнувањето на нашите врски на соработка и разбирање не прават уште посилни исправени пред предизвиците на денешницата.

„Ви посакувам добредојде на сите Битолчани, на сите Македонци иселеници од Македонија, на Македонците од соседните земји и на Македонците од Европа и прекуокеанските земји, кои деновиве престојуваат во Битола, во Македонија и се дел од оваа Семакедонска средба.

Битола во минатото ја испишала историјата на печалбарски крај и сите сакаме тоа да биде историја, да не ни се повторуваат миграциите, да бидеме тука сите свои на своето и заедно да го градиме подоброто утре за нас и за генерациите после нас.

Оние кои заминуваат, верувам дека еден ден своите професионални искуства ќе ги споделуваат заедно со нас, во нивниот роден крај каде заедно ќе продолжиме да инвестираме во подобра иднина и подобри услови за напредок на младите генерации. Светското искуство, секогаш може да даде позитивна насока во идеите, иницијативите и проектите кои се реализираат за поубава Битола.

Нема подобро од родниот крај, кој Ви подава рака за враќање назад во татковината, овде сите заедно да живееме, овде да растат новите генерации Македонци. Општина Битола ќе ги негува и унапредува културните врски со иселениците од Македонија. Нека ни е честит големиот празник „Илинден“ и за многу години“ рече градоначалникот Коњановски.

Свои обраќања имаа и г. Петар-митрополит преспанско-пелагониски, Иван Џо Петрески, претседател на Матицата на иселеници од Македонија, Александар Јаневски-претседател на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „Македон“, Тодор Петров-претседател на Светскиот Македонски Конгрес и Драган Ковачки пратеник во Собранието и генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ.

Програмата продолжи со културно-уметничка програма.

Scroll to Top