Претпладнево со полагање на свежо цвеќе на споменикот на двата Илиндена пред Центарот за култура и Споменикот на илинденците во Храмот „Света Недела“, денес во Битола беше одбележан големиот државен празник Илинден.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заедно со претседателот на Советот Бојан Бојкоски, советници, претставници на Сојузот на борци и политичките партии, положија свежо цвеќе и се поклонија на сите кои со својата жртва ја извојуваа слободата што ја живееме денес.

„Пред 123 години започна востанието кое ги постави темелите на нашата борба за слобода, а пред 82 година АСНОМ ја зацврсти идејата за независна држава.

Денес го славиме Илинден – симбол на заедништво, храброст и истрајност.
Од Илинденското востание и Крушевската република, преку Првото заседание на АСНОМ, до денешната независна Македонија, ја чуваме заветната мисла на нашите херои државата се гради со љубов, посветеност и борба за заедничка иднина.
Ова парче земја, пребогато со историја, традиција и култура, во минатото било подрачје на судири и аспирации, но токму преку денешнот празник, е искажан нашиот вековен стремеж за слобода, за нашиот идентитет, јазик и култура.
Денешниот Илинден нека ни биде своевиден патоказ, низ кој преку идеалите на нашите Илинденци, ќе научиме како сите заедно, да стигнеме до нашата подобра иднина, да оставиме подобро утре за нашите поколенија, да бидеме столб за нивната сигурност.
Нека ни е честит Илинден! Нека ни е вечна Република Македонија!“, посака во честитката, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.


Прославата на големиот Илинден продолжува во потпелистеркото селот Трново каде се одржува 55-та Семакедонска средба









