КОНСТИТУИРАН СОВЕТОТ ЗА ВОЛОНТЕРСТВО

КОНСТИТУИРАН СОВЕТОТ ЗА ВОЛОНТЕРСТВО

Денес, во општина Битола, се одржа конститутивна седница на Советот за волонтерство кој функционира како консултативно тело на Советот на општината, составено од 9 члена кои се избрани по пат на јавен повик и номинација од институции и граѓански организации. Ова тело, преку својата советодавна работа влијае врз зголемување на младинското учество во локалната заедница, преку волонтерство и препознавање на волонтерскиот труд на локално ниво.

Присутните ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој им посака успешна работа на членовите на новиот состав на Советот за волонтерство, нагласувајќи дека општината е првенец во имплементација на организирано и систематско делување, но според статистичките податоци, очигледен е фактот дека е потребна поголема промоција на Советот за волонтерство, сè со цел да биде препознаено од пошироката јавност како работно тело на Советот на општина Битола, чија цел е признавање на волонтерската работа како неопходна за развојот на општеството, но и за личен и професионален развој на волонтерите. За претседател на Советот за волонтерство е избран Златко Талевски, а за заменик претседател Викторија Брдаровска

Работата на Советот за волонтерство се базира на унапредување на процесите на волонтерството, нивно доближување до граѓаните и до сите заинтересирани страни, како што се граѓанските организации и локалните институции. Телото придонесува кон зголемување на бројот на младинско учество во локалната заедница преку волонтерството, како и препознавање и признавање на волонтерскиот труд. За таа цел Советот за волонтерство воспостави позитивна пракса на годишно доделување на волонтерски признанија на Меѓународниот ден на волонтерите.

Воедно, општина Битола во соработка со Советот за волонтерство оваа година додели и финансиски средства од буџетот на општината за граѓански здруженија и фондации за реализација на активности од Акцискиот план за развој на волонтерството и за организирање на волонтерски акции. И следната година ќе бидат одделени средства за поддршка на граѓанските организации во промоција и поттикнувањето на активизмот на граѓаните и нивна поголема вклученост во активности од суштествено значење за локалната заедница, како што е волонтирање и општествена одговорност.