НОВИ ИНВЕСТИЦИИ ВО ДОМОТ ЗА СТАРИ ЛИЦА „СЈУ РАЈДЕР“

НОВИ ИНВЕСТИЦИИ ВО ДОМОТ ЗА СТАРИ ЛИЦА „СЈУ РАЈДЕР“

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес ја посети јавната општинска установа Дом за стари лица „Сју Рајдер“, каде во тек се работни активности за инсталација на 30 соларни панели. Инвестицијата во вредност од околу 2.570.000 денари е од сопствени средства на установата, а директорката Марина Крстиќ, го информираше градоначалникот дека, завршени се и други активности, меѓу кои и: санација на покривот на магацинскиот простор во вредност од 290.000 денари, а во делот на опрема извршена е набавка на нова професионална машина за перење и одржување на текстил во вредност од околу 420.000 денари.

Директорката Крстиќ најави дека во следниот период, планирана е набавка и на други машини за установата, уредување на просториите и дворното место, како и голем број на нови програмски активности за корисниците на социјални услуги на установата. Сепак, директорката нагласи дека, листите на чекање за згрижување на стари лица и натаму се долги, за што најголем недостаток во моментот не се просторните капацитети, туку човечките ресурси кои треба да се грижат за старите лица и објектот.

Во врска со потребата за решавање на проблемот, Домот „Сју Рајдер“, во соработка со општината, минатата недела испратија второ барање до Министерството за труд и социјална политика за добивање на согласности за вработувања во старскиот дом, со кои ќе се зголемат можностите за згрижување на стари лица во установата.