ОТВОРЕН ДЕН НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТОНИ КОЊАНОВСКИ И РАКОВОДИТЕЛИТЕ ОД ОПШТИНА БИТОЛА

ОТВОРЕН ДЕН НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТОНИ КОЊАНОВСКИ И РАКОВОДИТЕЛИТЕ ОД ОПШТИНА БИТОЛА

Општина Битола, покрај континуираната транспарентност и отвореноста за соработка со граѓаните, продолжува со квартално организирање на отворени денови на градоначалникот, кој во соработка со раководителите на општинските сектори и одделенија, пристапува кон решавање на одредени проблеми, советодавно делување или разгледување на одредени предлози, идеи и иницијативи од комуналната сфера, образованието, социјалата, просторното уредување, инспекциската надлежност и други области.

За денешниот отворен ден, интерес покажаа 180 граѓани, од кои дел побараа решавање на инфраструктурни проблеми во урбаниот и руралниот дел, промена на водоводна и канализациона мрежа, како и продолжување со воспоставената динамика на локалната самоуправа за подобрување на патната инфраструктура.

Граѓани се интересираа до каде е и постапката за проценка на штетите од земјотресот, за што беа информирани дека општинските комисии врз основа на извршениот увид и доставената фотодокументација, завршија со проценките, а советот на седницата одржана на ден 27.12.2022 година, донесе одлука за усвојување на елаборатот за проценка на штети и истата е испратена до Владата на понатамошно постапување.

Дел од денешниот отворен ден, беа и предлози и иницијативи за организација на нови и дополнување на постоечките културни манифестации со нови содржини, како и предлози за хортикултурно уредување на повеќе локации, но и прашања поврзани со подобрување на економската состојба во општината и можностите за нови вработувања.

Градоначалникот Тони Коњановски и во следниот период, продолжува со одржување на отворени денови, а доставените барања се решаваат тековнo или се вклопуваат во стратешките планови, а со тоа таму каде што не е изготвена проектна документација, се овозможува вклопување на предлозите во годишните програми и нивна реализација.