Градоначалникот на Битола Тони Коњановски и претседателот на Советот Бојан Бојкоски денес имаа средба со претставници на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници предводени од претседателот Димитар Кавраков.

На средбата стана збор и за тоа дека оваа асоцијација како член на Советот за туризам во Министерството за култура и туризам активно преку свои предлози учествува во изготвувањето на стратегијата за туризам.

Тие велат дека изминатите години со порастот на бројот на туристи кои ја посетуваат нашата држава се појавиле и многу недостатоци и пропусти на престојот на странските туристи, но исто така и многу системски пропусти во законот за туризам. Со цел да се подобрат условите за престој на странските туристи во Битола, Скопје и Охрид, но и други туристички места во државата, нивната асоцијација ги детектирала недостатоците и проблемите и дека како асоцијација имаат можност да понудат решенија.

На средбата беше кажано дека со нивното знаење и искуство на терен можат да дадат придонес во развојот на туризмот во Општина Битола како град со богато културно наследство, што беше поздравено од градоначалникот и од претседателот на Советот и беше иницирано потпишување на меморандум за соработка.

Општина Битола и годинава го објави јавниот повик за доделување на финансиски средства на Здруженија кои спроведуваат активности во врска со унапредување на туризмот во Општина Битола, оние кои имаат во програмата и целите на здружението област туризам.
Инаку во Битола беше организирана регионална работилница за Пелагонискиот плански регион со која Министерството за култура и туризам го продолжуви процесот на изработка на Стратегија за развој на туризмот на Македонија за период 2027 – 2032 година.

