80 ГОДИНИ ОД ХОЛОКАУСТОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРЕИ

80 ГОДИНИ ОД ХОЛОКАУСТОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРЕИ

Со комеморативна програма, денес во Битола беа одбележани 80 години од холокаустот на македонските Евреи. На комеморацијата присуствуваа Шефот на Мисијата на ОБСЕ г-дин Килиан Вал, заменик амбасадорот на Германија, Ото Граф, други претставници на дипломатскиот кор, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, претставници од Советот на општина Битола, претставници на Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, како и други делегации и гости.

Во своето обраќање градоначалникот Коњановски, нагласи дека овој ден е потсетување на едно тешко време исполнето со многу невини жртви, но и наша порака во денешнината.

„После 80 години, страшното злосторство на депортацијата во логорот на смртта во Треблинка на 798 семејства со 3351 битолски Евреи, наши сограѓани, останува болно сеќавање на Битола, за луѓето кои на суров начин ги загубиле своите животи, но и наша порака во денешнината никогаш да не дозволиме злото против човештвото да се повтори. Само со почит кон минатото и извлекување поука од него, можеме заедно сплотени, со пријателство и љубов, да продолжиме напред, во денешнината која ќе ја стави во вечен заборав деструктивноста, негувајќи ги добрината, моралот и високите цивилизациски вредности.

Зачувувањето на спомените за големата хероина Естреја Овадија Мара, нејзиниот борбен дух, спомените за еден од најпознатиот лекари Хаим Абраванел и многу други, историски значајни личности – Евреи кои живееле во Битола и во Македонија, се уште една потврда за нашето заедништво, пријателство и соработка.

Негувајќи го спомените на нивната пожртвуваност, хуманост и посветеност, даваме почит и кон нивните дела и нагласуваме дека Битола навистина памети, но и потсетува дека, мирот, љубовта и меѓусебното разбирање, мора да бидат дел од нашето живеење, во кое ќе ги почитуваме различностите, за да изградиме подобар живот и иднина за сите нас“, рече градоначалникот Коњановски.

Делегациите положија свежо цвеќе пред Споменикот на жртвите на холокаустот и пред Споменикот на Естреја Овадија Мара кај Здравствениот дом „Хаим Абраванел“, по што поворката на живите продолжи преку Широк сокак до Железничката станица каде во спомен на загинатите беа положени цвеќиња и камчиња со имињата на жртвите.