ОТЧЕТ ЗА ПРВИТЕ 100 ДЕНА НА НОВИОТ МАНДАТ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ И ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА
Почитувана јавност,
Во духот на транспарентноста и отчетноста би сакал да го дадам отчетот за првите 100 дена од новиот мандат како градоначалник на Општина Битола. Ние за разлика од други сме прецизни и точно, на 101 ден сакам да го истакнам она што во овој период е правено, односно се случило.

А има ли поубаво нешто од тоа да го започнете новиот мандат со посветеноста и грижата за најмалите. Ја отворивме новата градинка „Пчеличка“ во состав на установата „Мајски цвет“.
Со адаптација на дел од поранешниот „Дом за доенчиња и мали деца“ новата градинка, ќе згрижува и воспитува деца од предучилишна возраст до 6 години, а е со капацитет за 76 деца.
Кога го добив уверението за избран градоначалник без посебни свечености ја продолжив својата работа. А, поводот беше убав Денот на ослободувањето на Битола 4 ноември, многу гости, настани, сеќавања.
Тогаш реков дека во изминатиот мандат поставивме цврсти темели врз кои ќе се надоградува модерна, урбана, чиста и динамична Битола, со акцент на инфраструктура, на енергетска ефикасност, на нови образовни стандарди, на култура и спорт, на заштита на животната средина. И така продолживме.
А, за да може нешто да биде функционално се случи и конститутивната седница на Советот на Општина Битола, кој пак е прв во Македонија, во кој сега има електронско гласање.
Нема хронолошки да одам по ред за да не изгледа како некој календар со настани, туку со она што е многу важно за да ја оправдаме довербата добиена на изборите.
Во годината пред нас, освен уличната, во фокусот ќе ни биде и спортската инфраструктура, на која работиме уште од првиот ден на новата локална самоуправа.
Во месноста Областа, на улица „Нико Фундали“, изведени беа три нови игралишта на вкупна површина од 629,27 м².
За да не стигнуваат дома по кал, жителите од трите краци на улицата „16-та“ во Битола по 40 години со чисти чевли стигнуваат до своите домови, по асфалтирањето на првиот дел од улицата.
Со поплочување на тротоарите продолжува изградбата на новата улица СРУ 5 во некогашната касарна, важна сообраќајница која ги спојува улиците „Партизанска“ и „Крушевска република“, која за скоро и ќе биде асфалтирана.
Инфраструктурата и патната, но и спортската, е тоа е една од важните теми и малку повеќе ќе се задржам на нив.
На 4-та седница на Советот на Општина Битола го претставив буџетот за 2026 година и проектите кои ќе бидат опфатени со него.
Тригодишната развојна програма со измените изнесуват 1.845.013.734,00 денари.
Течат подготвителните работи за 53 реконструкции на коловози (улици и локални патишта ) во градот и во населените места на општина Битола, како и изградба на 6 паркинг простори.
Нови паркинзи кај „Овчи Пазар“, кај „Ат пазар“, комплексот болници, на улицата „Браќа Џаферови“, позади зградата позната како „Кифлата“, на просторот кај местото викано кај „Хеликоптерот“, кои ќе го намалат недостигот на паркинг места.
Во делот на спортот и рекреацијата течат подготовките на проектна документација за мултифункционалниот спортски комплекс, изградба на атлетска патека и борилиште на стадионот „Петар Милошевски“, тука се наоѓа и изработката на физибилити студија за изгрaдба на гондола, изградба на центар за спорт и рекреативни активности, кој е во полн ек.
Со оваа развојна програма продолжува и изградбата на детска градинка во АРМ, како и доизградбата на противпожарната зграда, капитални проекти кои бараат подолг рок за реализација, но на кои сме целосно посветени, за што побрзо завршување.
Течат подготовките за изградба и реконструкција на системи за одведување и прочистување на отпадни води на 25 локации, како и за изградба и реконструкција на систем за водоснабдување исто така на 25 локации.
Во капиталните расходи за основното образование, продолжуваме со нашата визија за подобри услови за учениците, поради што претстои комплетирање на проектите: Реконструкција на објектот на спортската сала во Бистрица и изградба на три типски училишни спортски сали во ОУ „Стив Наумов“, подрачното училиште „Даме Груев“ во Долно Оризари и во ОУ „Тодор Ангелевски“.
Подготовките се во тек за изградба и на спортски терени и игралишта во подрачното основно училиште „Коле Канински“ во Буковски ливади, изградба на спортско игралиште во поранешно Стрелиште, спортско игралиште во ОУ „Гоце Делчев“, исто така и во турското училиште, потоа во ОУ „Даме Груев“, „Ѓорги Сугарев“, реконструкција на спортските игралишта во ОУ „Климент Охридски“, изградба на спортско игралиште во подрачното училиште „Тодор Ангелевски“-Раштани, во училиштето во населбата Ушици и во ОУ „Трифун Пановски“.
За да можеме да планираме, она што го ветивме го реализираме, се работи на новиот Генерален урбанистички план, а се одржа и јавна презентација на Деталниот урбанистички план за новиот реонски центар во Нова Битола.
Во Битола беше промовирана и доделена дел од предвидената опрема за Регионалниот центар за управување со отпад (возила и контејнери/канти) за општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион.
А што пак не направи сите радосни на спортски план.
Откако стадионот „Петар Милошевски” ја помина инспекцијата на УЕФА и доби лиценца за втора категорија, повторно бевме домаќини на голем фудбалски натпревар, помеѓу фудбалската репрезентација на Македонија и репрезентацијата на Шведска, за фудбалери до 21 година.
Кугланата во Битола беше подлежна на реконструкција, односно поправки и замена на опремата која беше дотраена за да биде лиценцирана со цел одржување на натпревари.
„Нашиот клуб, нашата гордост-предизвици и можности“, беше насловот на јавната трибина на РК „Еурофарм Пелистер“ која се одржа во рамките на прославата 70 години ракометна Битола.
Ален Рустемовски, боксерот на клубот „Пелистерски јунак“ и македонски репрезентативец, беше победник на традиционалниот меѓународен боксерски турнир „Златен гонг“, кој по 54-ти пат се одржа во Скопје, имав средба со него на локацијата каде што се гради боксерската сала.
Со 1 милион денари ќе ги помогнеме подготовките на Ален Рустемовски за квалификација на Олимписките игри, а беше прогласен за спортист на годината на Македонија за 2025 година.
Дигитализацијата е важна во денешното современо време. Со министерот за дигитална трансформација на „Магнолија“ го промовиравме националниот портал за електронски услуги Е-услуги.
Присуствував и на националната конференција „Безбедност на сообраќајот во локална самоуправа“ која се одржа во Скопје и во контекст на промоција на проектот „Сејф сити“, проект во кој до крајот на оваа година ќе биде вклучена и Битола.
Не го забораваме и туризмот, туку се фативме за работа па така тим странски и домашни експерти презентираа дел од решенијата од процесот на изработка на физибилити студија за изградба на гондола на „Пелистер“.
Општина Битола активно се престројува во процесот на праведната енергетска транзиција, односно искористување на природните извори на енергија.
Aнексот на договорот со Фондацијата Отворено Општество, предвидува фотоволтаици за училишта „Св. Климент Охридски“ и „Даме Груев“.
А, Општината ќе постави фотоволтации од сопствени средства на една од зградите на ОУ „Гоце Делчев“.
Одржавме и јавна трибина со наслов „Како до подобри услуги за граѓаните од јавните претпријатија“.
А, дека се грижиме за секого подеднакво неколку акценти и на оваа тема:
По повод 3-ти декември Меѓународниот ден на лицата со попреченост Лајонс клубот Кабадаја организираше настан кој беше под мотото „Сонцето свети за сите или обоиме во пријател“.
Го промовиравме и дневниот центар за стари лица со активно стареење во просториите на Црвениот крст- Битола.
На 5-ти декември го одбележавме меѓународниот ден на волонтерите со доделување наградите за најдобрите волонтери.
Бев и во посета на ООУ „Елпида Караманди“ каде изминатиов период беа извршени повеќе реконструктивни зафати, со цел подобрување на условите за одвивање на наставно-образовниот процес.
Битола и нејзината дипломатија. Во прва официјална посета на Битола дојде и британскиот амбасадор во Македонија, а претходно беа и амбасадорите на Кина, Германија, Франција, Израел и Австрија.
Со пригодна свеченост во Битола беше отворен почесниот конзулатот на Австрија.
Како почна одбројувањето за дочекот на новата година, Битола блесна во нова новогодишна светлина.
Со „Нокаут“ и без огномет ја дочекавме Новата година, првото бебе во новата година беше женско, а имавме и зимска забава на Пелистер. И годинава во Битола беше организирана Бадникова поворка, прославувајќи ги божиќните празници.
Во делот на транспарентноста „Транспаренси Интернешнл Македонија“ не прогласи за најтранспарентна општина. Ја промовиравме апликација „Битола-зимска служба“, а одржавме и трибина за Програмата за култура во 2026 година.
На работна средба со инволвираните во изградбата на планинарскиот дом „Копанки“ беше заклучено дека следната сезона домот „Копанки“ ќе ги отвори вратите за посетителите.
Најсреќниот кој го фати светиот крст на Водици во соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, Христијан Бошевски беше награден со парична награда и икона од Заштитникот на градот „Свети Нектариј Битолски“.
Со почетокот на градежната сезона за секој проект, а ги има многу, само од владата одобрени и финансирани 64, дополнително и за нашите општински проекти, редовно ќе информираме.
Ние не се фалиме, само работиме, а позитивните коментари доаѓаат од други. Понекогаш има и критики, но тоа не не обесхрабрува, туку напротив дополнително не мотивира во нашата мисија да бидеме сервис на граѓаните.
Ви благодарам.


