Општина Битола

БИТОЛА БЕШЕ ДОМАЌИН НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО 25 ГОДИНИ ОД ФОРМИРАЊЕТО НА ЕДИНИЦАТА ЗА БРЗО РАСПОРЕДУВАЊЕ

Денеска во Битола се одржа централниот настан по повод одбележувањето на 25 години од формирањето на Единицата за брзо распоредување. Претходно два дена граѓаните имаа можност да проследат дел од професионалноста, подготвеноста и вештините на припадниците на ЕБР, со вежбовни активности на единицата на платото на Офицерскиот дом.

На настанот се обрати министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој рече дека безбедносните предизвици денес се многу поразлични од оние пред 25 години.

„Организираниот криминал се менува. Криминалните структури стануваат сè помобилни и пософистицирани. Современите безбедносни ризици бараат побрза размена на информации, подобра координација, современа технологија, специјализирана опрема и, пред сè, врвно обучени луѓе. Затоа не можеме полицијата на иднината да ја градиме со методите од минатото.

Нашата определба како раководство на Министерството за внатрешни работи е јасна – модерна, професионална, добро опремена и мотивирана македонска полиција, способна да одговори на секој современ безбедносен предизвик.

Во изминатиот период започнавме сериозен процес на модернизација на Министерството. Инвестираме во опрема, возила, инфраструктура и подобри услови за работа. Ја забрзуваме дигитализацијата, воведуваме современи технологии и системи, ги унапредуваме полициските капацитети и инвестираме во она што е најважно – знаењето, обуката и професионалниот развој на полициските службеници.

Во тој процес, единиците кои носат најголем оперативен товар мора да добијат и соодветна институционална поддршка. ЕБР била и ќе остане еден од нашите приоритети. Не затоа што така налага традицијата, туку затоа што тоа го налага безбедноста на државата“, рече министерот Тошковски.

Министерот кажа дека резултатите што денес ги постигнува македонската полиција покажуваат дека сме на вистинскиот пат, дека имаме најнизок криминалитет во последните дваесет години, а тоа не е резултат на една акција, една единица или еден човек, туку тоа е резултат на илјадници полициски службеници кои секојдневно ја носат одговорноста за безбедноста на граѓаните. И во тие резултати, свој значаен удел имаат припадниците на Единицата за брзо распоредување, истакна министерот Тошковски.

Во своето обраќање командантот на Единицата за брзо распоредување, Стојанче Николов рече дека од формација создадена за потребите на еден конкретен безбедносен период, ЕБР прерасна во една од најподготвените и најангажираните оперативни единици на македонската полиција.

„За еден командант нема поголема чест од тоа да предводи луѓе на кои може да им верува кога е најтешко. А, за мене е особена чест и привилегија што во годината кога Единицата одбележува четврт век постоење ја имам одговорноста да бидам нејзин командант. Тоа не го доживувам само како функција.

Го доживувам како обврска кон секој од вас, кон сите што ја носеле оваа униформа пред нас и кон оние што ќе дојдат по нас – Единицата што ја наследивме да ја оставиме уште подобра, попрофесионална и посилна.

Затоа што ниту еден командант не ја создава ЕБР сам. ЕБР ја создаваат нејзините луѓе. Ја создавале сите генерации што поминале низ нејзините редови во изминатите 25 години и секој од нив оставил дел од себе во она што Единицата претставува денес.

Со длабока почит, се сеќаваме на нашите загинати и починати колеги. На луѓето со кои дел од вас стоеле рамо до рамо, делеле задачи, обуки, тешки моменти, но и успеси. Нивните имиња се дел од историјата на ЕБР“, рече Николов.

По повод големиот јубилеј беа доделени признанија на пријатели и поддржувачи на Единицата, како и плакети за најдобриот припадник на ЕБР и за полициските службеници кои се дел од Единицата од нејзиното формирање, односно цели 25 години, како признание за нивната долгогодишна посветеност, професионалност и придонес во градењето и развојот на Единицата.

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски му додели плакета.

Во рамки на одбележувањето беше изведена тактичко-показна вежба, во која припадниците на Единицата ги презентираат своите вештини, како и изложба на опрема која ја користи Единицата за брзо распоредување.

Scroll to Top