Компанијата „Visa“, во партнерство со Министерството за дигитална трансформација на Македонија, Халк Банка АД Скопје и НЛБ Банка АД Скопје, ја започнува програмата „Вредноста на безготовинското плаќање Битола“, иницијатива наменета за поддршка на микро, мали и средни претпријатија во Битола. Програмата има цел да ја забрза дигитализацијата на локалните бизниси и да го поддржи растот на локалната економија преку имплементација на современи решенија за безготовинско плаќање.
Конкурсот е отворен за микро, мали и средни претпријатија кои сакаат да воведат дигитални плаќања во своето работење. Пријавувањето е отворено од 22 јуни и трае до 31 август 2026 година.
Бизнисите кои ќе се пријават во рамки на програмата за време на кампањата, која ќе се реализира од јуни до август оваа година, ќе имаат можност да добијат „Soft POS“ терминал без месечен надомест за одржување и без провизија по трансакција во период од три месеци од денот на инсталацијата. Дополнително, на секој бизнис ќе му биде издадена „Visa Business Debit“ картичка, ослободена од годишна членарина во првите 12 месеци од издавањето.
Заинтересираните претпријатија можат да се пријават директно во локалните експозитури на Халк Банка АД Скопје и НЛБ Банка АД Скопје.

