Градоначалникот на Битола Тони Коњановски денеска прими делегација од Општина Будимпешта дистрикт 18 предводена од градоначалникот Шандор Санисло.

На средбата присуствуваа и претседателот на Советот Бојан Бојкоски, секретарот на Општина Битола Борче Димитровски, Александар Стефановски соработник за култура и спорт и Цветанка Ристевска раководителка на одделение како и Петер Кoрoш заменик градоначалник на дистриктот 18, Роберт Роњец главен административен службеник и Јанош Сентецки раководител на одделение.

Градоначалникот Коњановски ги запозна гостите со богатата историја и култура на градот пред се големите фестивали кои се случуваат во Битола, со економските потенцијали како што е индустриската зона „Жабени“ како и потенцијалите во развојот на туризмот.

Односите меѓу двата града, кои траат веќе 26 години, започнаа преку соработката меѓу фолклорните ансамбли на КУД „Илинден“ од Битола и Фондацијата за танцова уметност „Теблаб“ која годинава настапува на фестивалот „Илинденски денови“.

На средбата беше договорена возвратна посета во септември како и договарање на идната соработка меѓу двете општини.



