Денес на едно место се собраa локални организации од Битола, секоја со своја приказна, мисија и активност за вклучување.

Саемот претставуваше можност да ги запознаете локалните организации во Битола, да ги откриете новите можности за волонтирање и учество и да го пронајдеш твоето место во заедницата.

„Од работа со млади, култура и образование, до животна средина и социјални иницијативи – Битола се поврзува ти дава шанса подобро да ги запознаеш организациите што секојдневно придонесуваат за заедницата“ велат организаторите на настанот Младински центар Битола и Општина Битола.

Целта на настанот е да се зголеми видливоста на граѓанските организации, да се доближи нивната работа до граѓаните и да се создаде директен простор за комуникација меѓу организациите, младите и пошироката локална заедница.

Градоначалникот Тони Коњановски истакна дека настанот е особено важен бидејќи граѓанските организации имаат значајна улога во локалниот развој. Преку својата работа тие придонесуваат во области како младинско учество, образование, култура, спорт, животна средина, волонтерство, социјална инклузија, човекови права, демократија и развој на заедницата.

„Посебен акцент се става на младите, кои преку вакви настани можат да откријат можности за волонтирање, неформално образование, локални и меѓународни проекти, развој на нови вештини и активно учество во општеството. Настанот истовремено претставува можност и за подобро вмрежување меѓу самите организации. Нивното меѓусебно поврзување може да придонесе кон создавање нови партнерства, заеднички иницијативи и поефикасен одговор на потребите на локалната заедница.За Општина Битола, соработката со граѓанскиот сектор е значајна за развојот на отворена, активна и инклузивна локална заедница. Граѓанските организации претставуваат важен партнер во препознавањето на потребите на граѓаните, развивањето нови идеи и реализацијата на активности од јавен интерес“ вели градоначалникот на Битола.

Значајна улога во овој процес има и Младинскиот центар Битола, како простор за поврзување на младите, институциите и граѓанските организации. Преку организирање вакви активности, Центарот придонесува за поголема информираност, младинско учество и создавање нови можности за активно вклучување во локалната заедница.

На саемот се претставија Сфера Инернешнал, ЗУР Македонски ракотворби, Геосфера, Невроразлични, Про Локал, Сумнал, Имка, МКЦ , Скаут Пелистер, Се за храна, Фит концепт, Порака нова и ГЕТ Иновација.
















