Општина Битола

ПРВ КОЛЕГИУМ СО РАКОВОДИТЕЛИТЕ НА СЕКТОРИ И ОДДЕЛЕНИЈА ВО ОПШТИНА БИТОЛА

Во присуство на градоначалникот Тони Коњановски, денес беше одржан првиот колегиум во новата година со раководителите на секторите и одделенијата во Општина Битола.

На истиот беа донесени заклучоци во поглед на главните заложби, во Општина Битола и во оваа 2025 година, како и изминатите 3 години – граѓаните и нивните потреби и барања да бидат врвен приоритет.

Во функција на системско подобрување со почетокот на годината е ставен во функција DMS системот и Општина Битола започна со водење на електронска архива, што ќе ја зголеми ефективноста во работата и ќе ги скрати роковите при одлучување по барањата и предметите во надлежност на службите на Општината.

Исто така, започна и планирањето во делот на реализацијата на приходите и расходите на Општина Битола за тековната 2025 година, согласно изгласаниот Буџет на последната одржана седница на Советот на Општина Битола од 25.12.2024 година.

Од страна на градоначалникот беше истакнато дека е суштински да продолжи одличната реализација и на приходите, но и на расходите со цел постигнување на крајната цел, а тоа се проектите во интерес на граѓаните, која во изминатите три години, секоја година поединечно надминуваше 82 %, за разлика од периодот помеѓу 2018 – 2021 година, кога реализацијата на расходите беше под 65 % поединечно секоја година.

Последниот, но и подеднакво важен заклучок се однесува на комплетирање на проектната документација со која Општина Битола ќе аплицира на новиот повик на Владата за поддршка на проекти од капиталната инфраструктура со потенцијална можност за финансиска поддршка од над 10 милиони евра. Дел од документацијата вклучува проекти од патната, водоводната и канализационата инфраструктура, спортски игралишта, училишни спортски сали и други објекти од високоградба.

Scroll to Top