ЛОКАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА СО ПОДДРШКА НА КАМПАЊАТА „МВР ЗА ГРАЃАНИТЕ – ЗАЕДНИЦА, ДОВЕРБА, ОДГОВОРНОСТ“

ЛОКАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА СО ПОДДРШКА НА КАМПАЊАТА „МВР ЗА ГРАЃАНИТЕ – ЗАЕДНИЦА, ДОВЕРБА, ОДГОВОРНОСТ“

Претставниците на локалниот совет за превенција, активно се вклучија во кампањата „МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“, која од денес почна да се спроведува, преку активностите на Секторот за внатрешни работи од Битола. Преку делење на информативни флаери, граѓаните имаа можност да се информираат за значењето на полициското работење и неговите основни карактеристики во заедницата, механизмите на контрола на полицијата, како и проактивниот пристап ориентиран кон решавање на проблемите во заедницата.

Портпаролот на СВР Битола, Сања Стаматова, информираше дека на овој начин полицијата е поблиску до граѓаните и дејствува кон зајакнување на довербата, во интерес на заедницата, се со цел обезбедување побезбедна средина за живеење за сите граѓани.

Градоначалникот Коњановски, нагласи дека локалната самоуправа, ја поддржува оваа кампања, а локалниот совет за превенција, преку работата на сите институции во негов состав, настојува да се подобри животот на граѓаните.

„Да си помогнеме едни со други, зошто само така можеме, разните девијантни појави во ова турбулентно и напнато време, да ги решиме. Вработените во МВР, прават се што е во нивниот домен и надлежности, а граѓаните се тука, да бидат поддржувачи, да помогнат, но и да бидат еден вид контрола на работењето на МВР. Како локална самоуправа, секогаш ќе ги поддржуваме ваквите активности и само со заедничка, меѓусебна доверба меѓу граѓаните, Локалниот совет за превенција, Советот на општината и МВР, заедно можеме да направиме многу за зајакнување на довербата“, рече градоначалникот Коњановски.

Проактивниот пристап ориентиран кон решавање на проблеми, има за цел континуирано и планско работење на спречување на криминалитетот и останатите потенцијални опасности за граѓаните, што овозможува и заедничка одговорност за решавање на проблемите.