ОПШТИНАТА НА ТЕРЕН СПРОВЕДУВА МЕРКИ ЗА РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО БЕЗДОМНИТЕ ЖИВОТНИ – СОРАБОТКАТА СО ГРАЃАНИТЕ Е ОД ГОЛЕМА ВАЖНОСТ ВО ПЕРИОДОТ КОЈ СЛЕДУВА

ОПШТИНАТА НА ТЕРЕН СПРОВЕДУВА МЕРКИ ЗА РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО БЕЗДОМНИТЕ ЖИВОТНИ – СОРАБОТКАТА СО ГРАЃАНИТЕ Е ОД ГОЛЕМА ВАЖНОСТ ВО ПЕРИОДОТ КОЈ СЛЕДУВА

Општина Битола, активно на терен презема мерки за решавање на долгогодишниот проблем со бездомните кучиња низ битолските улици, кои претставуваат опасност за граѓаните, а со тоа и дополнително оптоварување за општината. Согласно програмата за животна средина и програмата за решавање на проблемот со бездомните животни, како и склучениот договор на општината за набавка на услуги за заловување и стручен третман на кучиња скитници и нерегистрирани кучиња на територијата на општина Битола, економскиот оператор „ПРОВЕТАЛЕК“ ДООЕЛ, од 11 ноември досега има извршено заловување и ветеринарен третман на 88 бездомни кучиња.

Активностите сеуште се во тек, а при нивното извршување утврдено е дека на територија на град Битола има континуиран прилив на кучиња од блиските приградски и селски региони и тоа: Горно и Долно Оризари, с. Поешево, Индустриски пат, село Кравари и Буково, предел над касарна со село Лавци, Брусничка населба со село Брусник, Довлеџик,  месноста над Црн мост, Баир, Ушици, и регион над тунелот  па се до село Раштани и Крклино.

Општина Битола, ги повикува граѓаните, доколку забележат испуштање на кучиња на одредени локации, да ги запишат регистарските таблички на возилата со кои се врши транспортот и за истите да информираат во општина Битола на телефонскиот број 047208317. Реоните на кои ќе се врши заловувањето во следниот период јавно ќе бидат објавени, а дополнителни реони во планот за работа ќе се предвидуваат и по барање на граѓаните.

Исто така, согласно Законот за заштита и благосостојба на домашните миленци, член 26 став 2, сопствениците на домашни миленци, несмеат да ги напуштаат домашните миленици, за што во следниот период ќе се спроведуваат зголемени контроли.

Додека, активно се работи на овие мерки, општина Битола, работи и на трајно решавање на проблемот со бездомните животни, за што согласно општинските програми за  Адаптација на објект за ветеринарна заштита – прифатилиште за кучиња, предвидени се 46.586.092 денари. На почетокот на оваа година ќе биде распишана јавна набавка за адаптација, по што ќе започне изведбата на терен. Во меѓувреме, до објектот е донесена санитарна и техничка вода, како и одводна мрежа, а минатата година е направен проект и обезбедена е дозвола за градба.