ПРОДОЛЖУВА СОРАБОТКАТА СО БИЗНИС СЕКТОРОТ: ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ ВО ПОСЕТА НА „ЕРИ“ КОРПОРАЦИЈА И „АБЦ ДОЈЧИНОВСКИ“

ПРОДОЛЖУВА СОРАБОТКАТА СО БИЗНИС СЕКТОРОТ: ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ ВО ПОСЕТА НА „ЕРИ“ КОРПОРАЦИЈА И „АБЦ ДОЈЧИНОВСКИ“

Со цел согледување на состојбите и потребите кои ги има бизнис секторот, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес имаше посета на две компании, кои успешно работат во Битола, а се лоцирани на улица „Бурса“.

При посетата на ЕРИ корпорација ДООЕЛ Битола, која е компанија со странски капитал и еден од најголемите светски производители и извозници на топлински разменувачи и вентилациски компоненти, градоначалникот беше информиран дека во моментот во компанијата во Битола, работат 250 вработени и дека компанијата бележи успешност во работењето. На средбата се разговараше и за соработката, која ја воспостави локалната самоуправа со оваа општествено одговорна компанија, во делот на реализацијата на настани, кои го збогатуваат културното живеење во градот.

Градоначалникот Коњановски, ја посети и фирмата „АБЦ Дојчиновски“ која нуди широка палета на камини и разни топлотни решенија за домови, канцелариски простор или индустриски капацитети.

На средбата со претставниците на двете компании, градоначалникот Коњановски, разговараше, за неопходноста од инвестиции во патната инфраструктура, која води до објектите, со што значајно ќе се подобрат условите за пристап до компаниите кои работат во поранешниот комплекс „Фрижидери“. Градоначалникот Коњановски, нагласи дека, општината веќе работи на реализација на проектот за улица „Бурса“ (поранешна „Индустриска“) во должина од 2410 метри, на потегот од ул. „Македонска фаланга“, до пред базата на „Гранит“. Реконструкцијата ќе опфати решение на делот на одводнувањето и заостанатите атмосферски води, што е честа појава на оваа локација.  Улицата опфаќа дел од поранешната индустриска зона на Битола, а имајќи го предвид зголемувањето на инвестициите таму, локалната самоуправа, настојува преку подготовка и реализација на проектни решенија, комплетно да ги подобри условите во овој дел на градот.