Општина Битола

Одговор на 82 прашања од ТВ ТЕРА

Одговор на 82 прашања од ТВ ТЕРА

Општина Битола ја почитува улогата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана.

Истовремено, точната и одговорна комуникација подразбира разграничување меѓу новинарски прашања, барања за пристап до информации од јавен карактер и барања за повторно систематизирање обемна документација што веќе е јавно објавена или претходно доставена.

Доставениот допис содржи 82 прашања, вклучувајќи и бонус прашања, од кои голем дел меѓусебно се повторуваат или се однесуваат на податоци содржани во:

  • Електронскиот систем за јавни набавки;
  • буџетот и програмите на Општина Битола;
  • службените гласници и одлуките на Советот;
  • официјалната веб-страница на Општината;
  • објавите за текот на проектите;
  • одговорите што веќе биле доставени по барања за слободен пристап до информации од јавен карактер од медиумот.

Поради рационално користење на административните капацитети, но и за да се избегне можноста исти податоци да се прикажуваат надвор од нивниот документарен и временски контекст, упатуваме на официјалните извори како единствени релевантни извори за договорите, економските оператори, вредностите, роковите и евентуалните измени на договорите, согласно правилата за истражувачко новинарство и обврските за проактивна транспарентност на општината, како и важечките закони според кои работи локалната самоуправа.

Прашањата што се однесуваат на повеќе различни проекти, програми, установи и правни субјекти не можат секогаш да се сведат на едноставен одговор „да” или „не”. Секој проект има различен извор на финансирање, инвеститор, фаза на реализација, договорна рамка и надлежност. Изедначувањето на проценета вредност, договорна вредност, реализирана исплата и вкупна вредност на повеќегодишен проект може да доведе до неточни заклучоци.

Општина Битола продолжува со најголемиот инвестициски циклус во поновата историја на градот: патна и комунална инфраструктура, училишта и градинки, спортски и културни објекти, противпожарна заштита, социјални услуги, младински политики и механизми за интегритет. Токму бројноста на проектите, постапките и локациите за кои се поставени прашањата ја потврдува динамиката и широкиот опфат на работата.

Сите дополнителни информации што претставуваат информации од јавен карактер може да се побараат во постапка и форма утврдени со закон. Општината ќе продолжи транспарентно да известува, но административните ресурси мора да останат првенствено насочени кон реализацијата на проектите и непреченото обезбедување услуги за граѓаните.

Тематски одговори

1. Проектите од владините повици – прашања 1 – 4

Листата на одобрени проекти, нивната вредност и статусот на постапките се содржани во официјалната документација и во објавите на Општина Битола, неколкупати досега комуницирани со медиумите. Податоците за започнатите постапки, избраните оператори и склучените договори се достапни и преку ЕСЈН.

Не сите одобрени проекти се наоѓаат во иста фаза. На фазата на одобрување на проектите претходеше изготвување на проектна документација, а реализацијата на проектите вклучува покрај техничка документација, обезбедување услови, јавна набавка, избор на изведувач и воведување во работа. Општината редовно информира за секој проект согласно неговата реална фаза, а не врз основа на претпоставени рокови.

https://www.facebook.com/share/v/1CRztCWynd/

2. Патна и комунална инфраструктура – прашања 5 – 11

Наведените километри претставуваат збир на интервенциите реализирани на повеќе улици и локални патишта во урбаниот и руралниот дел. Деталните податоци се содржани во програмите, договорите, градежната документација и извештаите на општината.

Формулацијата дека нешто е „обновено и новоизградено” не значи дека сите зафати се од ист вид или дека се реализирани преку еден договор. За секоја постапка релевантни се официјалниот договор, фактичката реализација на терен и извршениот надзор.

Линк од активности:

3. Спортски терени и сали – прашања 12 – 14

Инвестициите во училишната спортска инфраструктура се директно вложување во условите за учениците, здравиот развој на младите и користењето на објектите од локалната заедница. За тоа веќе ја информиравме јавноста преку следната објава https://www.facebook.com/share/p/1KpWz96ew9/.

4. Паркинг места – прашање 15

Бројот ги опфаќа паркинг-местата обезбедени преку повеќе инфраструктурни интервенции. Режимот на користење се утврдува преку соодветни одлуки, сообраќајни решенија и надлежностите на општинските органи и претпријатија. За секоја локација јавноста е навремено информирана.

Линк од активности:

5. Градинки – прашања 16 – 23

Во прашањата неправилно се изедначуваат моментално згрижени деца во еден адаптиран објект со вкупниот нов капацитет што се обезбедува преку повеќе објекти и проекти. Бројката од 475 места не се однесува исклучиво на „Пчеличка”, туку на збирниот капацитет создаден и предвиден преку повеќе инвестиции.

„Пчеличка”, градинката во Нова Битола и објектот во комплексот АРМ се различни проекти, со различен капацитет и фаза на реализација. Официјален датум за отворање може одговорно да се соопшти по завршувањето на сите градежни, технички, административни и постапки за обезбедување на соодветни лиценци и дозволи. Секој друг датум би бил процена, а не правно обврзувачки факт.

https://www.facebook.com/share/v/1D4TxrfmCg/

6. Училиштето во Буковски Ливади – прашања 24 – 26

Изградбата на училиштето претставува долгорочно вложување во рамномерен развој и подобри услови за учениците. Вредноста на градежниот договор и опремувањето се различни категории и зависат од предметот и опфатот на конкретната набавка. Учениците ќе го користат објектот по завршувањето на работите и исполнувањето на сите законски и безбедносни услови.

За досегашните активности информиравме низ повеќе објави, меѓу кои и следната https://www.facebook.com/share/p/1cTwe5gyx2/.

7. Поранешната боксерска сала – прашања 27 – 30

https://www.facebook.com/share/p/1V8u5dgfFV/

Споредувањето на вредноста на спортски објект со вредноста на училиште, само врз основа на два збирни износа е методолошки погрешно. Објектите имаат различна површина, конструктивна состојба, технички барања, опфат, извори на финансирање и намена.

Инвестирањето во спортската сала не е на сметка на образованието. Општината паралелно инвестира во училишта, градинки, спорт, култура и комунална инфраструктура.

8. Ќумурното игралиште и новиот терен – прашања 31 – 35

Соработката со ФФМ и реализацијата на општинскиот спортски терен се две поврзани, но правно и финансиски различни активности. Обврските на страните се утврдуваат исклучиво преку официјалните акти и договори. За јавни набавки, изведувачи и рокови може да се информира кога постапките се формално завршени, без прејудицирање на нивниот исход.

9. Велосипедски патеки – прашања 36 – 39

„Подготовки” значи спроведување на неопходните плански, проектни, сообраќајни и административни активности што и претходат на изградбата на велопатеките. Техничкото решение мора да биде усогласено со просторните услови, безбедноста и одобрениот проект. Пред завршување на документацијата и постапките не е одговорно однапред да се соопштува изведувач или конечен рок.

10. Кино „Партизан” – прашања 40 – 45

Киното „Партизан” е капитална инвестиција преку која запуштен објект добива современа културна и јавна функција. „Самоодржливост” значи воспоставување модел со кој објектот ќе создава содржини и приходи за покривање дел од оперативните трошоци, без тоа однапред да значи приватизација или давање на просторот на приватни субјекти.

Начинот на управување, програмата и условите за користење ќе бидат утврдени преку законски одлуки. Договорната вредност, опфатот и опремувањето се утврдуваат според техничката документација и набавките и не соодветствуваат на изнесените претпоставки содржани во прашањата. За потсетување на деталите за овој објект ви го испраќаме следниот линк https://www.facebook.com/share/p/1EoMaLSVrG/.

11. Култура и посетеност – прашања 46 – 50 и 78 – 82

Процената на посетеноста кај манифестации на отворено не може да се заснова само на продадени билети, бидејќи голем дел од програмата е бесплатна. Таа се утврдува преку податоци од организаторите, капацитетот и исполнетоста на просторот, бројот на програмски содржини и други достапни показатели.

Средствата од Програмата за култура се распределуваат согласно усвоените програми, одлуките и постапките. Во врска со споредбата на целата културна програма со вредноста на повеќегодишни капитални спортски објекти, Ве информираме дека едното претставува годишна програмска потрошувачка, а другото создавање долгорочен јавен имот, а инвестициите се реализираат според констатираните потреби, врз основа на барања од граѓани, донесени одлуки на Советот и усвоени програми.

Договорите и финансиските податоци се објавуваат или се достапни согласно прописите, со почитување на ограничувањата поврзани со лични податоци, авторски права и заштитени договорни информации. За реализацијата на секоја Програма, најдоцна до април следната година се доставува до Советот комплетен извештај за реализација.

12. Интегритет и антикорупција – прашање 51

Во изминатиот период Општина Битола презеде конкретни активности:

  • дополнета е секцијата „Интегритет и антикорупција” на официјалната веб-страница;
  • јавно се достапни политиката и релевантните интерни документи;
  • вработените се запознаени со Политиката за интегритет и можностите за е-учење;
  • спроведен е прашалник меѓу вработените за нивната информираност и потребите од дополнителна обука;
  • подготвена е интерна процедура за интегритет;
  • реализирана е координација со ДКСК и ОБСЕ;
  • поднесена е проектна документација за реализација на проектни активности кои вклучуваат интегритет и антикорупција.

Ова се мерливи институционални чекори, а не декларативна употреба на поимите интегритет и транспарентност.

https://www.bitola.gov.mk/општина-битола-со-значителен-напредо/

13. Млади, НВО и претприемништво – прашања 52 – 55

Поддршката се реализира согласно општинските програми, јавните повици, одлуките и утврдените критериуми. Партнерството не се сведува исклучиво на исплата на средства; тоа опфаќа консултации, учество во креирање политики, заеднички активности и институционална поддршка.

Граѓанското учество се обезбедува преку јавни повици, јавни расправи, средби, анкети, секторски консултации и учество на засегнатите страни. Приоритетите на буџетот се утврдуваат преку буџетски форуми, низ законска постапка и се усвојуваат од Советот на Општината.

14. Социјална заштита – прашања 56 – 61

Пресметката дека социјалната заштита претставува само 0,47% од вкупниот буџет создава погрешна слика, бидејќи вкупниот буџет содржи блок-дотации, наменски средства, капитални проекти и расходи што не се слободно пренаменливи. Дополнително, поддршката на ранливите категории не се исцрпува во една буџетска програма.

Средствата за ретки болести, адаптација на домови и стручни третмани се конкретна локална поддршка што ги дополнува државните системи на здравствена и социјална заштита. Бројот на корисници зависи од исполнувањето на условите и поднесените барања, а изборот и исплатите се вршат согласно важечките правила и критериуми.

Квалификувањето на 500.000 денари како „симболична сума” е неаргументирана констатација. За семејството кое ќе добие пристапен дом, поддршката има конкретно и суштинско значење.

15. Противпожарната зграда – прашања 62 – 67

Првата фаза не треба да се оценува изолирано од проектот, техничкиот опфат и фазниот модел на финансирање. Фазната изградба е вообичаен пристап кај капитални објекти и не значи дека средствата се потрошени без резултат.

Поддршката од Министерството за одбрана на САД е потврда дека проектот има пошироко значење за безбедноста и капацитетот за одговор при итни ситуации. Постапките и роковите поврзани со грантот зависат и од правилата и одобренијата на донаторот. Општината, како и досега ќе информира врз основа на официјално потврдени фази, наместо да шпекулира со датуми.

https://www.facebook.com/share/v/18MFUzifoy/

16. Стадионот „Петар Милошевски” – прашања 68 – 70

Пред да се говори за „уништување” и финансиска штета, потребна е стручна процена на фактичката состојба. Правната или материјалната одговорност не се утврдува преку медиумска квалификација, туку преку договорите, записниците, стручните наоди и законската постапка.

Во изминатиот период на овие прашања одговоривме преку повеќе новинарски прашања и барања за пристап до информации од јавен карактер достапни во секцијата Пристап до информации од јавен карактер.

17. ФК „Пелистер” – прашања 71 – 77

Општината, како сопственик, има интерес работењето на клубот да биде законито, отчетно и одржливо. Проверките секогаш се спроведуваат стручно и без однапред да се прогласува вина, злоупотреба или „фиктивни ангажмани”.

Во изминатиот период и на овие прашања одговоривме преку повеќе одговори на новинарски прашања и барања за пристап до информации од јавен карактер.

Општина Битола нема намера да скрие било каква информација, а има обврска информациите да ги соопштува точно, законито и во нивниот вистински контекст. Транспарентноста не значи администрацијата неограничено да репродуцира веќе објавени документи во различни формати, туку јавноста да има пристап до веродостојни, проверливи и официјални податоци. Нашиот одговор на секоја критика ќе останат фактите, реализираните инвестиции и резултатите видливи во градот и населените места.

Scroll to Top