Општина Битола, се вклучува во проектот на УСАИД „Здружи се за заедницата“ спроведуван од „Конект“, во партнерство со Фондација Аполонија, Индиго и ЕВН, кој своите активности ги спроведува во општините Гевгелија, Гостивар, Охрид, Струмица, Чаир, Шуто Оризари и Битола. Со овој проект, општината ќе воведе нова дигитална алатка, која ќе ја зголеми соработката со граѓаните, ќе овозможи секој глас да биде слушнат, а службите на општината да можат соодветно и навремено да одговорат на потребите на граѓаните.
Во рамките на реализација на планираните активности од Проектот, Секретарот на општина Битола, Борче Димитровски, присуствуваше на стратешката средба во организација на здружението КОНЕКТ, на која градоначалниците и претставниците на локалните самоуправи на партнерските општини, разговараа за актуелните предизвици и приоритети во секоја од општините, како и за досегашната локална имплементација на платформата за граѓанско учество КОМУНИТИ.
КОМУНИТИ е првата интерактивна веб и мобилна апликација која овозможува директна комуникација помеѓу граѓаните и општините, при што сите членови на заедниците – без оглед на возраста или техничкото знаење – можат активно да учествуваат во идентификување на проблемите во нивната општина и изнаоѓање решенија.
„Без разлика дали се работи за јавен службеник, бизнисмен или граѓанин – секој од нас има своја улога во градењето на силна и стабилна иднина. Секој од нас носи одговорност да инвестира во својата заедница, преку одвојување време, енергија или ресурси. Само преку активно граѓанство можеме да придонесеме за суштински и одржливи промени. КОМУНИТИ е одличен пример за тоа како можеме да ја искористиме технологијата за да ги приближиме локалните власти до граѓаните, да ги направиме услугите подостапни, и да ја подобриме комуникацијата и транспарентноста,” посочи г. Марк Елингстад, Директор на Канцеларијата за демократија и добро владеење на УСАИД.
Оваа средба отвори можност градоначалниците заеднички да ги дефинираат следните чекори и приоди за стратешко користење на КОМУНИТИ на локално ниво, поттикнувајќи зголемен ангажман на граѓаните, размена на информации, и заедничко справување со предизвиците.
„Заедниците се просперитетни онолку колку што се силни врските помеѓу граѓаните, општините, граѓанските организации и бизнисите. Во седум партнерски општини, воспоставивме локални акциски јадра кои се катализатор на здружување во заедницата. Тие ги активираат локалните ресурси на граѓаните, компаниите и граѓанските организации и во партнерство со Општината ги вложуваат во подобар живот на граѓаните во нивната заедница. Новите дигитални алатки, како платформата КОМУНИТИ, им овозможуваат на општините полесно да комуницираат и да им служат на граѓаните, побрзо да ги идентификуваат потребите и да соработуваат за решенија. Овие иновации се вредна шанса самите да бидеме двигатели на решенијата за локален одржлив развој,” истакна г-а Никица Кусиникова, Извршна директорка на Конект.