Во организација на Министерството за локална самоуправа во соработка со Програмата за развој на обединетите нации (УНДП), денес во Битола се одржа консултативна работилница за Пелагониски и Југозападен плански регион, со клучните засегнати страни во врска со тековниот процес на реформа на Законот за локална самоуправа. Целта на овој настан беше да се разгледаат и дебатираат клучните предлози за измена на Законот за локална самоуправа.
„Го презедовме првиот чекор за прилагодување на Законот за локална самоуправа на потребите на граѓаните и општините. Како што најавивме, до изменет, подобрен и модернизиран Закон, ќе дојдеме преку широки, отворени и јавни дебати. Денеска во Битола го одржавме првиот консултативен настан на кој учествуваа градоначалници, претставници на граѓанскиот сектор, а свои предлози и мислења даде и дел од експертскиот тим вклучен во процесот за измените на Законот, проф. д-р Александар Спасеновски, проф. д-р Гордан Георгиев и проф. д-р Мемет Мемети.
Клучните аспекти на планираните измени вклучуваат зголемена транспарентност и отчетност, унапредување на учеството на граѓаните, воведување комунални редарски служби и развој на недоволно развиени подрачја. Верувам, но и убеден сум дека сите заеднички преку овој отворен и транспарентен процес ќе креираме подобрен Закон кој ќе овозможи подобро и поефикасно управување на локално ниво, ќе влијае позитивно на секој аспект од животот на нашите граѓани, ќе ги направи локалните власти поблиски, попристапни и пофункционални за сите нас. Заеднички, преку плодни дискусии, конструктивни предлози и успешна соработка ќе создадеме подобрена законска рамка усогласена со најдобрите европски практики“, истакна Златко Перински, Министер за локална самоуправа.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој истакна:
„Сакам да изразам благодарност до министерството за локална самоуправа што токму Битола е избрана за град од каде ќе започне караван на транспаретни промени во законот за локална самоуправа. Благодарност до министерот кој имаше храброст да го отвори овој закон со сите свои недостатоци и што остави простор за сите мани и надополнувања кои ќе ги дадеме ние градоначалниците, јавноста и експертската јавност во секој случај. Благодарност и до швајцарската амбасада што ја дава целосната подршка за овој процес. Моите очекувања се големи дека ќе добиеме интересни предлози и идеи од градоначалниците и подршка и од експертската јавност што е тука да ни помогне да направиме квалитетен закон за локална самоуправа“, изјави градоначалникот Тони Коњановски.