Културни Споменици

Културни Споменици

Културни споменици во Битола

Саат кулата е најпрепознатливиот споменик со кој се идентификува Битола. Според некои недоволно потврдени научни сознанија се смета дека Саат кулата е изградена во периодот на турското владеење, во 1830 година кога беше изградена и црквата Св.Димитриј. Се раскажува дека за време на градбата, во материјалот за врзување на камените блокови биле употребени 60.000 јајца, собрани од селските домаќинства од Битолско. Со тоа градителите сметале дека ѕидовите ќе бидат многу поцврсти. Изминативе неколку векови во целина ја оправдаа оваа нивна градителска мајсторија, што е уште еден доказ за архитектонската уметност дека убавото е и во вечното.
Инаку Саат кулата е висока 33 метри, поставена на квадратна основа, со страници од по 5,8 м. Нaјгорниот дел е една мала купола која лежи на квадратно плато, заштитено со железна ограда, од каде се гледа прекрасна панорама, не само на градот туку и на пошироката околина. Градскиот часовник со својата висина, доминација во просторот и саатниот механизам, кој кога ги отчукува часовите емитува и популарна музика, го свртува вниманието и постојано работи за граѓаните, гледачите и слушателите кои имаат потреба некој да им го мери времето. Денес забрзаната динамика во која живее модерниот човек не може без оваа потреба, за што битолчани навремено и точно ги известува стариот и добар Градски саат.

Безистен – од повеќето битолски споменици на културата, Безистенот е еден од највредните и најсочуваните стари градби, со препознатливи архитектонско-естетски и други вредности. Порано Безистенот бил покриен ориенталски пазар, наменет главно за продажба и чување на скапоцена стока, текстил, пари и др. вредности. Немало патописец кој поминал низ Битола, а да не го спомне како бележита градба, а најчесто како место каде можело да се купи скапа срма, лен, памук, свила, злато. Импонирал со својата масивност, чии куполи од олово, можеле да се забележат од далеку. Имало вкупно 86 дуќани. Што се однесува до надворешноста на објектот, тој претставува базиликално решена лонгитудинална градба, со неправилна правоаголна форма.
Безистенот не ќе бил она што бил, и она што е, ако не се има во предвид целокупниот архитектонски ансамбл што постоел околу него: нагоре и надолу, по Драгор имало стотина наредени ситни дуќанчиња, од кои секое претставувало еден посебен свет на трговската фантазија, правејќи го овој дел на Битола неповторлива урбана и архитектонска целина, која дишела со медитерански здив, во овој сончев предел на повеќе цивилизации.

Црквата “Св. Димитрија“ – новата црква “Св. Димитрија“е изградена во најстрогиот центар на градот во 1830 год. речиси под драматични околности. Самиот габарит на објектот за тоа најдобро зборува, како и релативно сиромашниот екстериер и архитектура, во однос на богатиот ентериер. За префинетата битолска градителска традиција и познатиот вкус за естетското на овдешните граѓани, очигледно една голема замисла на најдобрите мајстори не се остварила, барем не онаква каква што тие знаеле, умееле и граделе велелепни објекти по балканските престолнини. Затоа многубројните битолски занаетчии, не само христијани, туку и од друга вероисповед помагале црквата само за четири месеци да биде подигната. Причина за негаторскиот однос за нејзината градба биле локалните власти, кои не сакале да се изгради на овој простор голем христијански храм, повисок и побележит од околните нехристијански сакрални објекти. Оттаму се изнашол овој компромис за сметка на надворешноста да се направи импресивна внатрешност, високи сводови, бројни канделабри, чудесни полилеи и монументален раскошен олтар којшто подоцна бил изработен од прочуените македонски копаничари. Таквата определба му овозможила на овој познат наш храм необичен таинствен мир и атмосфера на возвишеност, што го прави и до денес свртилиште на бројните верници.
Црквата е градена во форма на трибродна базилика, со странични галерии. Секој брод претставува засебен параклис. Има уште една причина внатрешноста на храмот да биде вистинско уметничко сокровиште што е доминација на прочуеното македонско резбарство, посебно од XVIII и XIX век. Посебно воодушевува иконостасот со своите монументални димензии. Забележливи се знаци на европскиот барок и рококо стилот.
Како составен дел на оваа бележита градба на битолското архитектонско културно наследство е и новата камбанарија, изградена во 1936 год. Во 1999/2000 година во внатрешноста на црквата “Св.Димитрија“, се наиде на негибнат средновековен културен слој кој по старост на наодите се датира од X век. Тоа беше непобитен доказ дека еден дел од средновековна Битола е точно под темелите на денешна Битола.

   Црква “Пресвета Богородица“. Таа е уште еден од познатите битолски црковни храмови, изградена во 1870, а осветена во 1876 год. Црквата претставува трибродна базилика во поскромна форма. Во архитектонска смисла храмот нема некои особени посебности, бидејќи на него можат да се забележат повеќе стилови, карактеристична одлика на тогашниот еклектика, појава видена кај вакви објекти од минатиот век: траги од неокласицизам, барок, романтизам и сл. Овој храм е познат со својот иконостас и резба што можат да се видат на олтарот. Се смета дека го работеле мијачките мајстори. Во храмот можат да се видат повеќе убави икони од XIX и XX век на различни дарители. Најмногу дарувале битолските еснафи.
Треба да се напомене дека во оваа црква на задниот дел од северниот брод е гробницата на митрополитот Григориј, во чие време е изградена Митрополијата, во 1901 г. во француски
барокен стил), а блиску неа, кон северната страна, е погребан првиот Митрополит Преспанско-битолски г.Климент (Бабаче), кој умре во 1979 година.

   Црква “Св. Недела“. Се наоѓа на левата страна од северниот влез на Битола. Изградена е во 1863 год. Претставува трибродна базилика. Има иконостас којшто е изработен од дрво. Иконите се од поново време, од XX век. Како и кај другите цркви битолските еснафи најмногу помагале и за нивното внатрешно уредување. Куполата на црквата е насликана во 1864 год. по порачка на еснафот на битолските ќурчии.
Во Битола има и други цркви, главно градени во поново време, коишто покрај основната намена за верски потреби, со своите градителски решенија, фреско-живописот, иконописот и копаничарската уметност, го збогатуваат културното наследство на градот.

   Исхак џамија. Во Битола има сакрални споменици на културата кои и припаѓаат и на исламската култура и  уметност. Долгото петвековно владеење на Турската империја имало влијание и на културниот живот на градот. Исхак џамијата по својата монументалност и убавина е една од најпознатите споменици од исламската култура во Битола. Изградена е во 1506 год.  како задужбина на кадијата Исхак Челеби, кој пред да дојде во Битола, кадиската функција ја вршел во Солун. По својата архитектонска препознатливост, надворешниот и внатрешниот изглед, хармоничноста на линиите, претставува усовршен брусански тип на џамија. Се смета дека оваа џамија припаѓа на класичниот османлиски стил на турското градителско наследство.
Внатрешноста е богата со разнобојна орнаментика. На поголемите површини по ѕидовите се изведени медалјони во кои се испишани текстови со верски пораки од Коранот. Се знае дека и самиот Исхак Челеби е погребан до самата џамија.

Јени џамија (Нова џамија). Се наоѓа во централниот дел на градот, од десната страна на р. Драгор, наспроти Градскиот часовник. Изградена е во 1558/59 од Кади Махмуд- ефендија. Убавата декорација на ентериерот, како и употребата на фајанс околу главниот портал, претставува обид да се постигне највисок архитектонски уметнички дострел- привилегија каква имале само богатите и познати културни градови на Ориентот. Инаку фајансот потекнува од Изник- многу познат центар на т. н. “сино-бела“ керамика од XVI и XVII век. Ова зборува дека Битола за тоа време се сметала за многу развиена културна средина во која се што било модерно и скапо требало да биде присутно и во овој познат градски центар во средиштето на Балканот.
Денес во Јени џамија која одамна не служи за верски обреди, се наоѓа уметничката  галерија на градот Битола. Во Галеријата, годишно, се одржуваат 20-30 ликовни изложби од најразличен вид: самостојни, групни, тематски, ретроспективни, студиски и сл. формиран е и посебен фонд на сопствени уметнички дела, добиени преку откуп, донаторство и слично, чиј број изнесува околу 800 експонати; речиси половина од нив ја сочинуваат графичката збирка, која е единствена во нашата земја.

Низ долговековното османлиско владеење со овие простори, во Битола останале и други сакрални објекти во ориенталското градителство. Дел од нив сведочат и за една посебна култура во која можат да се забележат меѓусебни дополнувања помеѓу Истокот и Западот.

Зандан-Куле. Овој споменик и денес му пркоси на времето како потсетување на некогашните бурни настани што се одиграле во овие краишта. Градено е во XVII век.  Има многу интересна градба, особено нејзината внатрешност. Служела за приватни цели, за заштита од напади или од крвна одмазда. Според пишаните извори може да се види дека нејзин сопственик бил муфтијата од Битола од 1628/29 година Хаџи Махмуд- ефендија. Тој овој објект го изградил во дворот на неговиот чифлик. Во неа се влегувало само со помош на подвижни скали. Приземјето се користело за женските членови на семејството. Имало и сутерен за намирници како и бунар за вода. Најубав бил катот кој служел за живеење. Под покривот има тесни окна пушкарници за одбрана од напаѓачи. Тука биле затворани востаници и затоа народот овој објект и денес го вика “Зандан- куле“.

Широк Сокак. “Ако сте биле во Битола, а не се прошетале низ Широк Сокак, како ништо да не сте виделе.“ За восхитот од оваа улица најпофални зборови изрекле уметниците, посебно поетите и композиторите, како и многубројните пејачи. Потребата најголемиот дел од градскиот јавен живот да се случува во центарот на градот, кој секогаш имал интензивен културно-забавен живот, барала во овој уличен простор да се изградат бројни репрезентативни згради.
Битолските и пошироко македонските градители, со многу љубов и инвенција, успеале да направат спој меѓу разните европски стилови и домашната неисцрпна традиција. На таков начин се постигнати извонредно хармонични односи, складност на линиите, благородна едноставност, функционалност, изострено чувство за елеганција и вкус. На овој Сокак битолчани често пречекувале и испраќале разни луѓе: кралеви и цареви, султани и везири, владици и мисионери, циркузанти и безделници, и при тоа секогаш се чувствувал гордо што е негов овој крстопат меѓу Истокот и Западот.
Токму таквите одлики и историски премрежја што го следеле овој неповторлив градителски подвиг, го направиле Широк Сокак заедничко место на светот и човекот , носејќи му епитет како еден од најбележитите споменици на културата во градот.

Старата Чаршија. Низ својата долга историја Битола била позната и како значаен трговски центар на овој дел од Балканот. За битолските трговци се знаело подалеку, како на Исток, така и на Запад.
Чаршијата како еден од најзначајните витални делови на градот, со се она што значело економски живот на овдешниот граѓанин, играла многу значајна улога во неговиот просперитет низ вековите. Таа била не само составен дел на секојдневното живеење на не само овдешните жители, туку и преку неа опстојувал еден многу поширок регион, и поголема структура на луѓе: трговци, занаетчии, земјоделци, анџии, пренесувачи на стока и др. Старата Чаршија е еден од најзначајните белези на Битола и како културно- историски споменик. Таа ја следела својата судбина. Не била само место за трговија, туку овде се чувствувал здивот на времето, политиката и културата.
Во оваа чаршија која во XVII век имало над 900 дуќани, за половината на XIX век да пораснат на неколку илјади, се тргувало со се и сешто, се разбира на “чесен збор“ и доверба. Или, како се прикажувало по балканските анови дека тука, во битолската чаршија “нема што нема“. Во врска со чаршискиот живот и воопшто “чаршиската клиентела“, сите тие луѓе имале свои навики и барања, ситни човечки слабости и желби, да се доживее, купи или понесе нешто од најградскиот град од овој дел од Империјата.
Што се однесува за Чаршијата како урбан и архитектонски комплекс, со својата автохтоност и оригинални решенија, со сите неодминливи надворешни влијанија и спецификите на ориенталниот урбанизам и градителство, таа останува неповторлив пример на битолското културно наследство. Во својот речиси петвековен развој, во најголемиот свој процут (особено во текот на XIX век), имала над  2.000 дуќани и 30 функционално поделени делови, определени според стоката што се продавала. Во времето на Првата Светска Војна на Битолската чаршија и е зададен најтешкиот удар којшто никогаш повеќе не ја поврати некогашната слава и економска моќ.

   Хераклеа Линкестис – Античкиот град Хераклеа Линкестис крај Битола, е културна ризница на Балканот. Некогаш градот со истоименото име се наоѓал на падините на Баба крај Сива вода. Се претпоставува дека градот го основал древномакедонскиот владетел Филип II во 349 год. п.н.е. Не е исклучена можноста дека на тоа место некогаш постоела илирска населба зашто според името таа можела да биде формирана само од древно – македонските владетели.
Со името Хераклеа се поврзува племето Линкести и нивната земја Линкестида, што го опфаќала просторот од Јужна Македонија. Се смета дека Линкестите дошле на тоа подрачје од југ, покорувајќи го домородното население Пелагонци. Градот ги имал сите материјални услови: пасишта, рамница за житарици, а бил опашан со ѕид, со бастиони, а на ридот постоела акропола со засебна тврдина, со бедеми сврзани за градскиот ѕид. Наспроти неа постоела некропола. Откопаната со многу мозаици голема базилика, припаѓала на периодот од доцната антика во рановизантиската епоха. Подрачјето околу Хераклеа Линкестис било значајно и по војната меѓу Филип II – ри и римјаните. Во неа градот е заземен од римјаните, кога и го доживува својот врвен процут.
Тој стана еден од главните стратешки центри на Балканот. Тогаш римјаните го изградиле прочуениот пат од Драч преку Хераклеа Линкестис и Солун до Цариград во историјата познат како Виа Игнација. Со него Хераклеа Линкестис се претворила во важен стопански центар, а се развила и како општествен и културен центар, кој дури бил посетен и од римскиот император Нерон. Кон крајот на V век градот го нападнале Готите, а подоцна од рацете на римјаните прејде во рацете на византијците. Градот е уништен од силен земјотрес.
Античкиот локалитет Хераклеја Линкестис-Битола, со решение бр. 1040 од 27.07.1950 година, прогласен е за споменик на културата од прва категорија, со исклучително и универзално значење.
Со првите собирачи на старините во Хераклеја овластени со посебна дозвола од Султанот на Турција во XIX век, изразени преку дипломатските претставници во Битола, која во тој период претставува центар на Европска Турција, со право да вршат ископувања, а откриениот материјал да го откупат или едноставно однесат во својата земја, се и првите евидентирани податоци за истражувања во Хераклеја. Ваквите истражувања се повторуваат и во 40 години од XX век, кога се вршат сондажни истражувања на хераклејската акропола, под раководството на Антун Жегура, професор по латински јазик во битолската Гимназија и професорот Михајло Петрушевски. Од овој период се до 1975 година истражувањата во Хераклеја се вршат со екипи на Музејот на кнез Павле од Белград, а покасно со екипи од Југословенскиот институт за заштита на спомениците на културата Белград во соработка со веќе формираниот Одбор за Хераклеја Битола.
Од 1975 година, со натамошните систематски истражувања работи и раководи самостојна стручна екипа од Заводот за заштита на спомениците на културата Битола. Античкиот локалитет Хераклеја, зафаќа површина од околу 4 хектари, од кои 1300 м2 мозаични површини. Истражени се и презентирани следните градби :
• портик на судница од римско време (II в.н.е.)
• терма од римско време (II в.н.е.)
• театар римско време    (II в.н.е.)
• епископска резиденција од ранохристијанското време (IV до VI век)
• мала базилика од ранохристијанското време (IV до VI век)
• голема базилика од ранохристијанското време (IV до VI век)
• градска чешма од времето на Јустинијан (562)
Со грижата, негувањето, чувањето, презентирањето, систематското археолошко истражување, континуираната заштита, конзервацијата на архитектурата и ревитализацијата на Римскиот театар, оживувањето на Хераклејските вечери, богатиот пропаганден материјал, нејзината посетеност со бројки кои достигнуваат над 50000 посетители, Хераклеја се вбројува меѓу ретките музеи на отворено. Богатиот археолошки материјал од досегашните истражувања како репрезент на античкиот период од ова поднебје во најголема мера презентиран е во археолошката поставка на Битолскиот музеј како и во археолошката поставка во самиот локалитет Хераклеја.
Во простор од околу 50 м2 изложени се материјал и предмети од I век п.н.е. до VI век .н.е. Изложени се предмети од ќерамика, метал и стакло. Најзастапени се монетите, накитот, предмети за секојдневна употреба и бронзена пластика. Централно место во оваа музејска поставка зазема макетата на Римскиот театар која тродимензионално ја дава сликата на целосното истражување на театарот до неговата конзервација и ревитализација. Изработената макета претставува своевиден документ, сведоштво за љубовта и приврзаноста на археологот Др. Томе Јанакиевски кон Римскиот театар, неговите напори од почетните истражувања до конзервацијата и ревитализацијата на објектот.

   Спомен соба на Мустафа Кемал Ататурк – Првите музејски презентирања во Битолскиот музеј на познатиот државник, таткото на современа Турција, Мустафа Кемал Ататурк, датираат од 1978 година, кога е отворена првата изложба на фотографии, документи и факсмили, кои го прикажуваа животот и дејноста на големиот реформатор на Турција, кој во 1899 година завршил средно воено училиште (Мектеби аскери идади) сместено во денешната зграда на Битолскиот музеј, Старата битолска касарна.
Во 1994 година, на простор од 40 м2, со постоечките материјали обогатени со одредени предметикопии сместени во две прикладни витрини и спомен биста за Кемал Ататурк, за прв пат е поставена музејската поставка.
Во 1998 година, со договорениот инвестициски зафат меѓу владите на Република Македонија и Република Турција, се адаптира простор од околу 120 м2, во кој Битолскиот музеј со свој кадар и соодветен кадар од Република Турција ја поставија денешната музејска поставка во која е претставен Кемал Ататурк. Оваа поставка свечено ја отворија на 3 октомври 1998 година тогашните престедатели на Република Македонија, Киро Глигоров и на Република Турција, Сулејман Демирел.

Ентериер на градска соба – На простор од 30 м2 во дел од јужното крило од објектот, како издвоен адаптиран простор, презентиран е дел од материјалот за уметничкото и ѕидно декорирање во ентериерите на битолските куќи од почетокот на XX век. Покрај основната цел да го прикажеме амбиентот на декорот во битолските куќи, направена е реконструкција на ентериерот на градска соба, колоритот на бордурата, розетата, аголните декоративни елементи и картушите. Всушност, оваа поставка го прикажува амбиентот на битолската градска куќа од периодот на националната преродба, во сите сфери од растежот и живеењето на младата македонска буржоазија и интелегенција чии врски со западно европските и балканските земји донесоа нов сензибилитет и естетика во начинот на живеење, градење, облекување, декорирање и размислување.

Спомен музеј на Гоце Делчев – Спомен – музејот посветен на великанот на Македонското ослободително движење се наоѓа на ул. “Стевче Патако“ бр. 11 – Битола. Отворањето на овој музеј е иницирано по повод престојот на Гоце Делчев во Битола во 1901 год. во овој објект. Главната негова цел при овој престој му беше да се сретне со неговиот сакан другар и соработник Даме Груев, основоположникот на ТМОРО, кој во овој период се наоѓаше во Битолскиот централен затвор. Поставката содржи две изложбени простории со вкупна површина од околу 37 м2 , од кои во првата просторија е сместена содржина “За животот и револуционерната дејност, на првоапостолот на македонското ослободително дело”. Во оваа просторија како континуитет на Гоцевата револуционерна дејност со бројни документи и фотографии прикажана е состојбата и настаните во Битолскиот револуционерен округ. Од бројните поместени експонати во оваа поставка значајно место зазема револверот подарен од Гоце Делчев на Михаил Ракиџиев, сопственик на куќата и член на Окружниот комитет на Битолскиот револуционерен округ.
Во оваа поставка изложен е и оригинален експонат од 1905 година, (вез од ситни мониста во разни бои со претстава на еленче што пие вода), кое е посветено и подарено на Михаил Ракиџиев од затворениците кои за иста цел се наоѓаа со него во Битолскиот централен  затвор.
Во составот на поставката, во соодветна просторија, поставена е витрина со симболите на револуционерната заклетва на Организацијата како и оружје од Илинденскиот период.
Како составен дел на оваа музејска поставка, во собата во која престојувал Гоце Делчев и во која се одржувале состаноците, задржан е ентериерот со амбиентот во оригинална состојба. Исто така во оваа соба, за да се наслика автентичноста на времето, поместени се материјали од тие години. Во 1987/88, по извршената темелна реконструкција на објектот и изработениот елаборат, по повод 85 годишнината од загинувањето на Гоце Делчев, на 4 мај 1988 година свечено беше промовирана постојаната музејска поставка.

Меморијален музеј Смилево – По повод 100 годишнината од Илинденското востание, со Одлука на Министерството за култура на Република Македонија, во 2003/4 година, изграден е Меморијален музеј во с. Смилево.
На Музејот од Битола му беше доверена задача да изготви елаборат за постојаната музејска поставка од меморијален карактер. На простор од 130 м2, е реализирана музејска поставка која ги содржи следните тематски целини:

  1. Меморијална соба за Смилевскиот конгрес 1903 година
  2. Смилево во Илинденското востание
  3. Спомен соба за животот и револуционерната дејност на Даме Груев
  4. Спомен соба за Партизанскиот одред “Даме Груев”
  5. Етнолошка соба за Смилево

Во Конгресната сала, преку уводен текст посетителот се запознава со содржината и значењето на Смилево, со над 35 фотографии од кои 27 од учесниците на Конгресот, а останатите се од чети.
Со 20-на документи претставени се протоколите од заседанијата на Конгресот, фрагменти од Дисциплинскиот востанички устав, портрети од членовите на Главниот штаб, копија од знамето на II (Битолски) револуционерен округ. Во една витрина изложени се два раритетни оригинални предмети: револверот на Смилевскиот војвода Веле Илиев Пенчо и бомба изработена во една од леарниците што постоеле во тоа време во с. Смилево. Овој простор е уреден како конгресна соба.
Како посебна целина во овој простор прикажано е Смилево во портрети на неколку смилевски војводи, како и фотодокументи за контраофанзивата и последиците од тоа во селото. Поместени се и две витрини во кои е изложен материјал, оружје од Илинденскиот период.
Спомен собата за Даме Груев содржи преку 30-на фотографии, 14 документи од кои некои се изложуваат за прв пат, како што е записникот од судењето на Даме Груев, писма од архивата на Даме и др. Во овој простор поместена е витрина со фонд на книги кои се однесуваат на историјатот на Смилево и за животот и делото на Даме Груев.
Спомен собата посветена на Битолскопреспанскиот одред “Даме Груев”, е со акцент на неговата прва воена акција изведена на 2 август 1942 година, во селото Смилево. Целта на оваа акција беше спречување на бугарскиот окупатор да одржи митинг во с.Смилево. Во овој простор од 20-на м2 поместени се 50 фотографии и документи преку кои се следи равојот на револуционерната дејност во с. Смилево во периодот меѓу двете светски војни, при што се претставени револуционери од самото село и тој крај, економската моќна селото, со завршница за развојот и воената дејност на Партизанскиот одред “Даме Груев”. Во 3 витрини изложено е партизанско оружје и воени материјали.
Во етнолошката соба презентиран е материјал од материјалната култура во Смилево, истакнат преку народната носија и тоа: невестинска, носија за постара жена и машка носија. Народната носија по своите карактеристики припаѓа на мијачкодебарската носија и се вбројува во најкарактеристичните народни носии. Како друг сегмент во презентирањето, претставена е функционалноста на куќата преку вградена мусандра, огниште, софра, ковчег, кои биле во функција. Презентираните предмети потекнуваат од Смилево.
   Спомен куќа на Стив Наумов – Родната куќа на народниот херој Стеван Наумов Стив се наоѓа на ул. “Пецо Божиновски” бр.11 Битола. Во првите активности на Народниот музеј Битола, поточно на 4 јули 1961 година, а по повод Денот на борецот, отворена е за прв пат постојаната музејска поставка, откако објектот е реконструиран и адаптиран за ваква намена.
Во 1977 година објектот е повторно реконструиран и адаптиран со тоа што беа овозможени услови за нова презентација на ликот животот и делото на Стеван Наумов Стив, кој во периодот на Народноослободителната и антифашистичка војна на македонскиот народ како секретар на КПЈ-КПМ за Битола со својата револуционерна дејност уште во тој период прерасна во легендарна личност. Самата поставка е поставена на простор од околу 150м2 во приземје и спрат. Истата, во 2002 година, по трет пат е обновена со содржина од нови експонати.
Во приземниот дел во најголема мера прикажана е покуќнината и предметите за секојдневна употреба на семејството Наумови. На горниот кат од објектот кој завзема простор од околу 80 м2 во 4 посебни целини, презентирани се документи и предмети што го следат животот и делото на херојот од неговото најрано детство (фотографии, документи, предмети тесно поврзани со животот на неговото пошироко семејство), за во втората целина-простор да биде прикажана неговата револуционерна активност, неговото загинување на 12 септември 1942 година заедно со неговиот соборец и другар народниот херој Мите Богоевски. Историскиот дел завршува со приказ на победата над фашизмот и сé она што за херојот, за неговото име и во негова чест, е напишано и изградено како спомен.
Во третата целина во простор од 18 м2 уредена е гостинска, приемна соба за свечености-визити, со оригинални и откупени предмети од тој период што даваат приказ на средно имотлива фамилија од тој период, со еден фонд на урамени фамилијарни фотографии.
Завршница на целокупната поставка е преуредениот затворен ходник во кој се поместени три уметнички ликовни дела со димензии од над 3х4м од ликовниот уметник и учесник во НОАВМ, Тоде Ивановски. Во нив авторот го прикажува револуционерниот пат на Стив, и тоа формирањето на Првиот партизански одред “Пелистер”, убиството на злогласниот полициски начелник Ќурчиев, и средбата на Стив и Мите пред загинувањето. Во истиот ходник поставена е и макета која тродимензионално и со одредени светлосни ефекти го прикажува нападот на Партизанскиот одред “Даме Груев” на полициската станица-участок во с. Кажани под раководство на Стеван Наумов-Стив. На посебно пано се прикажани и народните херои од Битола и Битолско.

Музејска поставка за Еврејски етнос – Музејската поставка за еврејскиот етнос во Битола поставена е во една од просториите во порталот на Еврејските гробишта во Битола. Со свеченото отворање Музејот од Битола даде придонес кон одбележувањето на 500 годишнината од прогонувањето на Евреите во XV век од Шпанија и Португалија и нивното доселување на Балканот и во Битола.
Самата поставка својата содржина ја темели низ фотодокументи, копии и друг пишуван материјал што го прикажува еврејскиот етнос кој 500 години живее заеднички со македонското население. Во најголем број фото материјалот изложен во оваа поставка потекнува од крајот на XIX и почетокот на XX век. Презентирани се повеќе фамилијарни фотографии од видни еврејски семејства, фолклорни, спортски друштва, поединци рабини, занаетчии. Во рамките на поставката се презентираните материјали за нивното учество во НОАВМ и геноцидот спроведен врз нив на 11 март 1943 година од страна на фашистичките окупаторски воени сили и нивната идеологија.