Културни манифестации

Културни манифестации

КУЛТУРНИ МАНИФЕСТАЦИИ ВО ОПШТИНА БИТОЛА

Публикации

Анкети

Секоја година на 5 јануари со традиционална манифестација на палење на голем коледарски оган, Општина Битола со свечена и богата програма го одбележува големиот христијански празник Коледе. Коледе или Бадник е денот пред раѓањето на Исус Христос, кога голем број православни верници се излезени на коледарските огнови. Покрај коледарскиот оган, Општина Битола за своите сограѓани нуди богата забавна програма и храна која беспалтно се дели на граѓаните.

Денот на Европа традиционално секоја година се чествува на 9 мај. На еден од плоштадите во Битола (на отворено) се поставуваат штандови, каде се претставуваат сите земји од Европската Унија преку традицијата, храната, музиката и симболите.

https://europa.eu/european-union/about-eu/symbols/europe-day_en

Светскиот ден на музеите –  е познат како Меѓународниот ден на музеите кој традиционално се прославува од 1977 година во месец мај. Овој ден е востановен од Меѓународниот совет на музеи (ИКОМ) , а прифатен е од 90 земји. Насекаде во светот влезот на музеите на овој ден е бесплатен.

Мал битолски Монмартр е традиционална меѓународна детска ликовна колонија од 1982 година, во организација на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола. Колонијата се одржува во Битола секоја година од 23 до 30 мај. На оваа манифестација учествуваат ликовни таленти од Европа и светот на возраст од 5 до 14 години. Учеството е по пат на конкурс (на слободна тема и ликовни техники), што се распишува на почетокот на септември, а трае до 20 февруари. Сите пристигнати творби на конкурсот ги разгледува и оценува меѓународно стручно жири, кое доделува повеќе вредни награди. Како придружна манифестација на Колонијата, секоја година во Битола се организира и меѓународна изложба, на која се поместуваат околу 1.500 најдобри творби на учесниците на конкурсот.

www.smallmontmartreofbitola.com

Тра ла ла – Интернационален музички фестивал кој традиционално се одржува во месец август веќе 19 години. Учествуваат солисти и вокални формации од околу 25 држави, поделени во возрасни категории од 6-26 години. Учесници од фестивалот Тра ла ла, 45 пати учествувале на реномирани Интернационални манифестации надвор од Македонија, достојно претставувајќи го нашиот град и нашата држава. Фестивалот Тра ла ла е член на Светската асоцијација на перфоманси и уметности, а наскоро ќе стане и член на Светската асоцијација на фестивали и уметности. Добитник е на многу признанија и награди, меѓу кои и Интернационалната плакета за мир и развој на културата.

www.tralala.mk

 

,,СИ ДО “ e интернационалниот детски музички фестивал, еден од најстарите и најреномираните детски фестивали со 21 годишна традиција и континуитет  во Р.Македонија и истиот претставува препознатлив бренд за градот Битола.  Дел од талентите кои произлегоа од ,, СИ ДО“ се познатите музички имиња како  Каролина Гочева,  Димитар Андоновски, Ламбе Алабаковски, Бојан Стојков , Анета Мицевска , Next Time и др. „СИ ДО“ е член на многу меѓународни организации преку кои се промовира и афирмира македонската детска песна, а тоа се докажува со бројните награди  и признанија. Цел на фестивалот е да се поттикни младата популација  за изучување на  музиката  преку што би се осознала нејзината значајност во општеството. Фестивалот има препознатлив карактер и квалитет и е еден меѓу првите фестивали со оригинална концепција   во  кој заземаат учество  деца интерпретатори од Р.Македонија и специјални гости.

 

Фестивалот познат како празник на музиката „Солстис“ претставува стара франкофонска традиција које е типична за франкофонските медитерански земји. Градот Битола долги години има тесна соработка со Р. Франција на културен план. На тој ден во Франција граѓаните и туристите излегуваат на улиците и плоштадите  каде преку песна, музика и забава го најавуваат доаѓањето на летото. Во Битола, фестивалот традиционално се организира на најамбиенталната улица Широк Сокак и на десетина импровизирани сцени настапуваат различни музички групи, хорови, домашни и странски уметници со различен жарн на музика, како класика, етно, рок, поп и друга музика. Фестивалот се одржува во месец јуни.

Битолско културно лето „Бит Фест“  Бит фест ја издвои Битола како град со најсериозна културна понуда во Р.Македонија во летниот период. Бит Фест е музичко-сценска манифестација во чија програма се застапени сите културни жанрови:  театар, балет, опера, класична музика, ликовни изложби, разни перформанси, фолклор, рок, поп, етно и џез концерти, литература, филм, разни работилници и др. Богатата културна понуда ја надополнува туристичката понуда на Општина Битола, што резултира со зголемен број на домашни и странски посетители.

Од 2005 год е во целосна организација и финансиска поддршка на Општина Битола. Фестивалот се одржува во летните месеци јуни, јули и август.

http://www.bitfest.mk    http://www.bitola.gov.mk

Локум фест е фестивал на музиката и традицијата, кој се одржува во Битола од 2007 год во срцето на старата битолска чаршија. Силната порака и мисија на фестивалот е заживување на старата чаршија, културното наследство и традицијата преку модерната чалгија и македонските ракотворби презентирани во духот на традицијата. Локум фест се одржува во месец јули.

http://lokumfest.mk

 

Интернационален Фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“

Желбата да се зачува, а истовремено да се популаризира изворниот фолклор, ја наметнува потребата од организирање и одржување на традиционални фестивали. Се одржува секоја година спроти националниот празник на македонскиот народ 2-ри август- Денот на Илинденското востание. Фестивалот секогаш се одржува од 29 јули до 1 август. На него достојно се афирмираат народните песни и игри, не само на македонскиот народ и народности кои живеат во Македонија, туку и на народите од светот. Како меѓународна фолклорна манифестација предизвикува голем инерес и во другите земји, чии фолклорни друштва и групи досега имаат земено учество на него.

Традиционална средба на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија –  се прославува на 2-ри август на ден Илинден во чест на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија (северна Грција). Средбата ја претставува обединетоста  на децата бегалци од егејскиот дел  во селото Трново во дворот на црквата Успение на пресвета Богородица каде се слави со традиционали ора и песни и македонска храна.

Младински Арт фестивал „Битола отворен град“ – Целта на фестивалот е да придонесе во афирмацијата на Битола како град со позитивни вредности, креативна енергија и нејзина промоција како центар на прогресивната младина на Балканот. Фестивалот трае четири дена и се одржува кон крајот на месец Јуни. Програмата вклучува улични концерти, работилници, изложби, перформанси, видео проекции, јавни дискусии и голем музички хепенинг.

Фестивалот „Битола отворен град“ создава простор за промоција на граѓанскиот активизам, демократските вредности и интеркултурната соработка, служи како важна платформа за многумина уметници, млади луѓе и учесници од граѓански организации да ги искажат своите ставови за општествено релевантни теми преку културни активности.

http://mkcbt.org.mk

8 – ми септември Денот на независноста на Република Македонија – денот на независноста на Република Македонија се слави од 1991 година кога на тој ден македонскиот народ излезе на Референдум и на најдемократски начин ја изгласа својата независнот со мнозинство позитивни гласови, за самостојна и независна Република Македонија. Независноста на Република Македонија се прославува во целата држава со пригодна културно-уметничка програма.

Интернационален Фестивал на Филмска Камера „Браќа Манаки“ – Десет години по првата проекција во Гранд – кафе во Париз, браќата Јанаќи и Милтон Манаки со нивната сега веќе легендарна Камера 300, купена во Лондон од компанијата „Урбан“ од моделот „Биоскоп“ под сериски број 300, во 1905 година ги снимиле првите подвижни слики кои биле  направени на Балканот.

Несомнено дека врз нивните подвижни слики, нивните уметнички творби, се надоврзаа основите на Македонската кинематографија, но браќата Манаки го трасираа и патот на балканската филмска историја.

Фестивалот се роди во 1979 година благодарение на група филмски ентузијасти, основан во чест на делото  на браќата Манаки. Фестивалот денес има интернационален карактер, најстар во светот од ваков жарн, кој ја вреднува естетиката на филмската камера во обликувањето на кинематографското дело.

Република македонија и Битола денес се дел од големото филмско семејство на Европа, место на кое се одржува вистинска презентација на актуелното светско филмско творештво.

Фестивалот се одржува секоја година во месец септември.

http://manaki.mk

 

Интернационален Фестивал на класична музика „Интерфест“- е основан во 1992 година од битолската пијанискта Милица Шперовиќ Рибарски и Кирил Рибарски. Во програмата на фестивалот опфатени се концерти од класична музика, музичко-сценски приредби, ликовни изложби, сценски и драмскии претстави како и поетски вечери каде чест да учествуваат имаат еминентни македонскии странски уметници. Фестивалот се одржува од 2 до 12 октомври.

http://www.interfest.com.mk

 

Фестивал на современа уметност – „АTTUTIDEе фестивал кој обединува уметници од целиот свет со акцент на современата уметност како што се видео-арт изведувачите. Овој фестивал се одржува во месец октомври.

Интернационален фестивал „КАМЕРА 300“ – е фестивал на аматерски-непрофесионален краткометражен филм. Интернационалниот фестивал „Камера 300“ се одржува секоја година во месец ноември.

4 – ти Ноември – Денот на ослободувањето на Битола. Голем број културни манифестации го одбележуваат празнувањето на денот на Битола 4 – ти Ноември, со културна програма во траење од повеќе денови (спорт, литература, сценско – музички презентации, ликовни изложби, филм, свечена академија со доделување на 4-то ноемвриска награда).

Св. Нектариј Битолски – Чествување на патронот на Општина Битола на 18-ти  декември во соработка со Преспанско – пелагониската епархија. По повод овој празник се организира литија низ центарот на градот и музичка програма на која настапуваат хорови, фолклорни ансабли и уметници од Битола. Обраќање пред граѓаните на Битола имаат градоначалникот на Општина Битола и митрополитот на Преспанско- пелагониската епархија.

Организиран дочек на Нова Година – е традиционална манифестација богата со музичка и детска театарска содржина. Програмата започнува со детска театарска програма во претпладневните часови на плоштадите во Битола, а дочекот на Новата Година се прославува со богата музичка програма во која настапуваат домашни и странски естрадни уметници.

Фестивал на монодрама – се слави сценската уметност преку најобврзувачкиот актерски предизвик- монодрамата.

Фестивалот го има своето заслужено место на театарската мапа, не само во Битола и Македонија, туку и пошироко, како еден од најстарите фестивали во регионот.

Се одржува во месец мај

Фестивал на музика од светот – Интернационален музички фестивал  кој со својот концепт, е репрезент на актуелностите во музиката од светот и случување кое токму поради звучните имиња се понагласено се наметнува како аниматор на вниманието на пошироката публика од регионот.

Се одржува во месец ноември.