БИТОЛА -ДЕЛ ОД “ОДЛУЧЕН УДАР”

БИТОЛА -ДЕЛ ОД “ОДЛУЧЕН УДАР”

Пред Центарот за култура во Битола, како дел од планираните активности на воената вежба “Одлучен удар“, се одржа отворен ден за граѓаните, на кој беа прикажани дел од средствата, опремата и вежбовните активности кои се изведуваат на оваа најголема воена вежба организирана во Република Северна Македонија.

Aктивноста ја проследи претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски.
“Имавме прилика денес во Битола да видиме дел од опремата и вооружувањето , па и дел од перосналот, војници и старешини кои учествуваа на вежбата која во изминатиот месец и половина се одвиваше на воениот полигон Криволак.Тоа е најголемата воена вежба во историјата на нашата земја со 2700 учесници. Посебно ми е чест што имаше и припадници на американскиот контингнет, односно над 1200 американски војниици имавме на нашата територија, што е само показател дека стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД трае, успешно е и ефикасно” истакна Пендаровски.

Градоначалничката на Општина Битола изрази голема благодарност што и Битола беше ставена на мапата на оваа агенда.
“Чест ми е и задоволство што денес во нашиот град имавме можност да ги видиме овие вежбовни активности и опрема, а овој настан е потврда на скорешното приклучување на Република Северна Македонија кон НАТО алијансата. На тој начин и како држава и како народ имаме можност да дадеме свој придонес во мирот и просперитетот на човештвото воопшто”, посочи м-р Наташа Петровска, градоначалник на Општина Битола.

На овој голем настан присуствуваа и вршителката на должност амбасадорка на САД, Микаела Швајцер-Блум, како и
началникот на генералштабот на армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
“Чест ми е да бидам овде во Битола за овој настан со американските војници и војниците од Северна Македонија. Среќни сме што овој и следниот месец во неколку градови ќе има вакви настани кои се дел од вежбата „Одлучен удар“. Важно е што војниците разговараат со граѓаните за да се дознае нешто повеќе за нивната работа и програмата на вежбата „Одлучен удар“. Веруваме дека Северна Македонија е спремна за НАТО и дека ќе биде следниот член на НАТО скоро”, рече в.д. амбасадорката Швајцер-Блум.
“Големо задоволство е со нашиот претседател и Врховен командант на вооружените сили да присуствуваме заедно со битолчани на отворениот ден на Армијата во контекст на реализацијата на вежбата „Одлучен удар“. Сакам да изразам благодарност до градоначалничката и организаторите на овој настан, но и да оддадам јавно признание на сите војници и старешини кои можеа да демонстрираат капацитет и оспособеност. Не случајно и во пракса можеше да се види дека припадниците на Армијата уживаат голема доверба од граѓаните”, рече началникот на Генералштабот на АРСМ, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски.

Присутните проследија повеќе активности, како: демонстрација на боречки вештини, извлекување со хеликоптер со користење на техника „Грозд“, алпинистички вештини при евакуација на повредени цивили при елементарни непогоди во изведба на припадници на полкот за специјални операции, како и прелет на хеликоптери. Граѓаните преку директна комуникација со припадниците на армиите имаа можност поблиску да се запознаат со опремата и постапките и процедурите кои ги извршуваат учесниците на вежбата.