БИТ ФЕСТ: ПРОМОВИРАНА КНИГАТА „ЛОБИРАЊЕ ВО КУЛТУРАТА – КОНЗУЛСКАТА ДИПЛОМАТИЈА ВО БИТОЛА“

БИТ ФЕСТ: ПРОМОВИРАНА КНИГАТА „ЛОБИРАЊЕ ВО КУЛТУРАТА – КОНЗУЛСКАТА ДИПЛОМАТИЈА ВО БИТОЛА“

Македонското научно друштво-Битола е носител на најновото книжевно дело „Лобирање во културата – Конзулската дипломатија во Битола“, од вон. проф. д-р Марјан Танушевски, кое синоќа беше промовирано во Заводот и музеј, со поддршка на Општина Битола.

Првиот почесен конзул со кого почнува ребрендирањето на конзулската традиција во Битола и актуелен почесен конзул на Франција, Калиопа Кривашија Стилиновиќ, рече дека авторот успеал на едно место да ги донесе сите почесни конзули во Битола.

„Научно истражувачкиот пристап и презентираните резулати потсетуваат на тоа што се досега иницирале и реализирале почесните конзули, а со прекрасниот наративен пристап кој меѓудругото е и резултат и на големото новинарско искуство, авторот нуди четиво и јасна слика за овој конзулски период. Во соработка со општината и со користење на феноменот лобирање, взаемните успеси ќе бидат уште поголеми“, посочи Кривашија Стилиновиќ.

Нано Ружин, рецензент и промотор на книгата, го оцени трудот на Танушевски како подарок за Битола.

„ Културната дипломатија како дел од јавната дипломатија е заеднички именител на сите дипломати и почесни конзули во Битола и во таа смисла нема сомнение дека културата која секогаш ги збогатувала духовите е најелегантниот простор за лобирање“, рече Ружин.

Авторот Марјан Танушевски, истакна дека трудот претставува личен придонес во одбележувањето на европската година на културното наследство и поттик за формирање конзулско лоби кое освен за културниот, ќе придонесува и за економскиот развој на Битола. По завршувањето на промотивниот дел, Танушевски првите примероци од своето најново книжевно достигнување му ги додели на промоторите и на градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.