НОВИ ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ ВО СЕЛО ДОЛНО ОРИЗАРИ

НОВИ ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ ВО СЕЛО ДОЛНО ОРИЗАРИ

Проблемите на жителите од с.Долно Оризари кои се појавуваа при поројни дождови и предизвикуваа поплави, ќе бидат минато. Од неодамна, во ова населено место, започна изградбата на атмосферска канализациона мрежа, проект за чијашто реализација, мештаните изразија големо задоволство. Градоначалникот на Општина Битола, денес на терен, информираше за значењето и динамиката на реализација на проектот.

„Ова е едно големо населено место во кое изминатиот период реализиравме повеќе проекти, а исто така, договоривме и бројни проекти кои ќе ги реализираме во одредени фази. За потсетување, овде беше реализиран еден од првите проекти за асфалтирање на локални патишта, потоа изградба и адаптација на училишна зграда, детска градинка, игралиште, паркови итн., но искуството ни покажа, дека овде, неопходна е интервенција со канализациона – одводна мрежа. Така, опфатени се сите поголеми канали кои ќе бидат дел земјени, а дел бетонски канали. Паралелно, почнуваме и со асфалтирање на улиците. Ова место беше најпроблематично за време на поројните дождови и поплавите, затоа што, оваа е една од најниските точки во нашата општина. Во таа смисла, оваа градежна сезона тука ќе направиме доста активности, затоа што мештаните ова го бараат подолг временски период, но имавме застој во онаа фаза кога требаше да го направиме деталниот урбанистички план и сите елаборати и инфраструктурни проекти кои што значат и дефинирање на буџетот“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.

Вкупниот буџет предвиден за изградба на атмосферската канализациона мрежа изнесува 13 700 830 денари за отворените бетонски и земјени канали во должина од 5724 метри. Изградбата на коловозот на 8 краци во с.Долно Оризари во должина од 1800 метри е со вредност од 8 211 783 денари. Изведувач на активностите за изградба на атмосферската канализациона мрежа е КЈП Нискоградба Битола.